Возач од Дурмо Турс: Манипулатори ја лажираа брзината за 12-13 километри на час помалку

620
Photo: EPA/GEORGI LICOVSKI

Вработен во Дурмо Турс, Филип Наумовски, возач кој дента на кобната сообраќајка кај Ласкарци бил кондуктер во автобусот е првиот сведок кој утрово во Основниот кривичен суд сведочи за трагичниот настан од 13 февруари 2019.

Наумовски рече дека дента турите за Скопје ги возеле тој, колегата Џемаил и обвинетиот возач Мануел. Мануел ја возел турата до Скопје утрото во 7 часот, потоа повторно возел до Скопје во 14.30 часот, а следната која ја возел била кобната во 16.15 часот.

Во таа тура Наумовски влегол во автобусот како кондуктер, а се симнал во Ѓорче Петров за да го чека наредниот автобус на Дурмо Турс со кој возел колегата Џемаил за да наплати карти и во него.

– За несреќата дознавме кога на Џемаил му се јавија на телефон да му кажат дека нашиот автобус летнал од автопат. Кога стигнавме ние на местото, застанавме и јас се симнав долу каде беше превртен автобусот. Прво го видов Мануел, беше пред автобусот, го прашав што се случи. Ми одговори:”Не знам што се случи”. Друг одговор не ми даде – сведочеше возачот.

Тој потврди дека во автобусот имало уред за манипулација на брзината.

-Тој уред го има уште од 2011, неколку месеци по моето вработување во Дурмо Турс. Јас го придружував колегата Бесник кога однесовме два автобуси да го наместат дугмето. Прво едниот, а потоа и другиот. Тоа беше во една фирма во Железара. Дугмето служи за да не се прикажува вистинската брзина, туку да покажува 12-13 километри на час помалку – рече сведокот, кој додае дека знае дека и во трет автобус имало манипулатор.

Инаку, Бесник исто така бил возач во Дурмо Турс и тој е сведокот кој на рочиштето во понеделникот го поби својот исказ даден во обвинителството за време на истрагата, па бидејќи зборуваше спротивни работи од претходно, обвинителот го прогласи за непријателски сведок.

Возачот Наумовски денеска рече дека не може да тврди по чиј налог Бесник ги возел автобусите во сервис каде се вградувал манипулаторот, но раскажа тоа што него му било кажано.

– Како што ми кажа Бесник, тој за вградување на манипулатор разговарал со Ремзи – рече сведокот алудирајќи на Ремзи Мифтари, кој како одговорно лице за возниот парк во фирмата е еден од обвинетите во случајот.

Обвинителот го праша сведокот Наумовски и за газдата Дурмиш.

– Тој можеби и не знаел дека има манипулатори – рече возачот.

Наумовски зборуваше и за начинот на кој работеле во Дурмо Турс во однос на патните налози, тахографските ленти, работните часови…

– Дента на несреќата беше пополнет патен налог. Јас го пополнив. Во фирмата ни даваа бланко патни налози, сами ги пополнувавме. Автобусот тој ден возеше со една тахографска лента иако се менуваа возачи, самите знаевме дека не треба така. За работните часови, колегите сами си правиме распоред меѓу себе. Никој не ни го контролираше тоа – зборуваше возачот во Дурмо Турс.

За тахографските ленти тој рече дека ги чувале во автобусот и никој, барем на него, никогаш не му ги побарал на увид или контрола. Ниту обвинетиот сопственик на Дурмо Турс, ниту одговорното лице во фирмата, Ремзи Мифтари. Сведочењето на возачот е во тек. Во автобуската несреќа кај Ласкарци попладнето на 13 февруари годинава загинаа 16 патници, а 37 беа потешко повредени.

Во случајот обвинети се шест лица. Сопственикот на „Дурмо турс“, Дурмиш Белули, одговорниот за транспорт во фирмата Ремзи Мифтари и возачот на автобусот Маноил Трифуновски се товарат за сторени тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот, додека тројцата вработени во станицата за технички преглед Игор Ѓорѓиевски, Горан Дуковски и Јане Боварски за соучество во истото дело.

Случајот го води судијката Дијана Груевска Илиевска.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...