Автобусот со кој се случи несреќата кај Ласкарци имаше вградено уред за манипулација со брзината. Ова го кажа Џемал Салии, возач во фирмата „Дурмо Турс“, кој дента на несреќата возел линија претпладнето со истиот автобус.
– Беше сместен од лева страна на шал таблата. Не се сеќавам од кога го имаше во автобусите, мене не ми беше потребен. Имаше прекинувач за да може возачот во секое време да го вклучи манипулаторот на брзината. Неговата цел е да го намали покажувањето на брзината во тапографската лента – одговараше возачот вработен во „Дурмо Турс“.
Тој рече дека манипулатор имало и во друг автобус кој тој го возел. Салии не знаеше колку време автобусите имале манипулатор за брзината, а обвинителот Дарко Јакимовски го праша и дали таков уред можел да се вгради без знаење на одговорното лице за шоферите во „Дурмо Турс“, Ремзи Мифтари, кој е меѓу обвинетите.
Иако прашањето судот го одби како наведувачко, возачот Салии во повеќе наврати претходно кажа дека без знаење на Ремзи не можеле да направат ништо.
– Ниту гума не можевме да смениме на своја рака – рече Салии.
Од прашањата на обвинителот Дарко Јакимовски и од одговорите кои следуваа од возачот Салии, присутните во судницата на денешното рочиште за кобната несреќа можеа да слушнат дека имало низа неправилности во начинот на работа на „Дурмо Турс“. Салии кажа дека за еден ден добивале по еден патен налог, самите шофери го поплнувале и се договарале кој во колку часот ќе вози, а за тоа, рече, немало потреба некој да ги контролира и да води евиденција.
Возачите сами ја пополнувале и тапографаката лента и сите возачи на истиот автобус во еден ден наместо посебни, имале по една заедничка лента. Лентите ги чувале во автобус, а никој никогаш, ниту одговорното лице ниту сопственикот на „Дурмо Турс“ не им укажал дека ги пополнуваат правилно.
Во автобуската несреќа кај Ласкарци попладнето на 13 февруари годинава загинаа 16 патници, а 37 беа потешко повредени. Во случајот обвинети се шест лица. Сопственикот на „Дурмо турс“, Дурмиш Белули, одговорниот за транспорт во фирмата Ремзи Мифтари и возачот на автобусот Маноил Трифуновски се товарат за сторени тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот, додека тројцата вработени во станицата за технички преглед Игор Ѓорѓиевски, Горан Дуковски и Јане Боварски за соучество во истото дело.
Фото: EPA/GEORGI LICOVSKI