Возачот на комбето со коешто од Италија пристигнала жената која е позитивна на коронавирусот, денеска покажал симптоми на кашлица и болки во градите, соопшти министерот за здравство, Венко Филипче, на денешната прес-конференција.
– Пред неколку часа возачот на комбето покажал симптоми на кашлица и болки во градите. Тој е спроведен во соба за изолација во болницата во Струмица, каде што му се прават анализи. Пациентот немал контакти ниту со своето семејство и тој сам се пријавил во Институтот за јавно здравје. Доколку резултатот од анализата е негативен, тој ќе продолжи да се лекува на Инфективното одделение, а ако е позитивен, ќе биде префрлен во Скопје – рече Филипче.
Тој уште еднаш повтори дека Владата го прифатила предлогот и донела заклучок да се откажат сите јавни собири во земјава.
– Се откажуваат Струмичкиот карневал, Карневалот „Прочка“ во Прилеп, а им препорачуваме на организаторите на спортските настани да се одигруваат натпреварите без публика. Тоа е затоа што очекуваме на тие настани да дојдат многу луѓе од Италија. Уште една работа што сега ќе се направи е да се провери цената на сите заштитни материјали затоа што има информација дека некои цени се драстично зголемени. Како и да е, нема простор за паника и ние будно ја следиме ситуацијата. И за време на викендот редовно ќе ја информираме јавноста – изјави министерот.