Возачот во притвор, патниците сведочат дека возел 100 км на час пред несреќата

Според сведоштвото на преживеаните, до несреќата дошло поради лошите снежни услови, голомразицата и неприлогадената брзина на возачот на автобус од речиси 100 км. на час и можноста возачот да заспал

1028

Идентификувана е и третата жртва во автобуската несреќа што вчера се случи кај Лесковац. Тоа е 63-годишната В.К од Кавадарци. Претходно беше утврден идентитетот на останатите две жртви, 68-годишна жена од Кочани со иницијали К.К и 68-годишен маж од крушевското село Бучин со иницијали В.Ш.

Во Србија сѐ уште се води истрага за сообраќајната несреќа, а возачот на автобусот со струшки регистарски таблички, е во притвор, јави дописникот на МИА од Белград.

Во несреќата се повредени 32 лица. Шестмина сериозно повредени по вчерашната трагична сообраќајна несреќа кај Лесковац се наоѓаат во Клиничкиот центар во Ниш, а осум полесно повредени се на лекување во болницата во Лесковац.

Додека, според изјавите на генералниот секретар на Владата, Драги Рашковски, „меѓу повредените е и возачот на автобусот, кој е под засилено полициско обезбедување, додека да се утврдат причините за несреќата. Вториот возач за време на несреќата спиел“.

Според сведоштвото на преживеаните, до несреќата дошло поради лошите снежни услови, голомразицата и неприлогадената брзина на возачот на автобус од речиси 100 км. на час и можноста возачот да заспал.

Возачот на автобусот ја изгубил контролата, излетал од автопатот, по што се превртел повеќепати. Благодарение на навремената интервенција во рок од само половина час од несреќата на осум итни медицински возила од Ниш и Лесковац, на пожарникарите и случајни патници, кои од под автобусот ги извлекувале повредените, спречено е да дојде до поголема трагедија.

Министерот за здравство, Венко Филипче, кој вчера ги посети повредените во Лесковац, денеска во Охрид изјави дека полесно повредените патници кои се хоспитализирани во Лесковац, се подготвени да бидат пренесени на лекување во Македонија, а нивниот транспорт се договара со српските власти.

Патниците кои се во Ниш, истакна Филипче, се во потешка здравствена состојба и ќе треба подолг временски перод на заздравување и опсервација, двајца се сѐ уште на респираторна машина, но во стабилна состојба.

Доцна синоќа министерот за здравство Венко Филипче со генералниот секретар на Владата Драги Рашковски ги посетија повредените патници во болниците во Лесковац и во Ниш.

Како што јави дописникот на МИА, кај двајца пациенти со тешки повреди на главата и на ’рбетниот столб здравствената состојба се следи и можни се нови хируршки интервенции. Сите останати се во стабилна состојба и потребно е повеќедневно следење на состојбата, по што со помош на македонските здравствени служби, сите ќе бидат префрлени на лекување во Македонија.

Останатите дванастемина лесно повредени патници и двете деца кои беа сместени во хотелот „Апостоловиќ“ во Лесковац, синоќа организирано беа префлени во Македонија.

Патниците кои патуваа од повеќе градови во Македонија за Виена со превозникот „Еуро бус“ од струшко Велешта, беа претежно македонски печалбари, а во моментот на несреќата сите спиеле.

Голема и несебична помош беше дадена и од градоначалниците на Лесковац и Ниш, од медицинските установи од овие градови во спасување и збринување на повредените.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...