Поради најавените настани во организација на политички партии за време на викендов во центарот на Скопје ќе има посебни сообраќајни режини.
Утре од 19 часот митинг пред Владата организира ВМРО-ДПМНЕ. Поради поставување на бината тој дел од Илинденска (од крстосницата со булеварот „Гоце Делчев“ до крстосницата со булеварот „Свети Климент Охридски“) ќе се затвори уште вечерва во 19 часот, а ќе биде затвор до утре вечер на полноќ.
Во неделата, пак, митинг во 14 ќе има СДСМ пред ЕУ Инфо центарот и тогаш ќе има поголеми пореметувања во сообраќајот. Така, од 12.30 ќе бидат затворени улиците по кои што ќе се одвива настанот. И тоа, почнувајќи од Соборниот храм „Свети Климент Охридски“, потоа право по булеварот „Партизански одреди“, десно по улицата „Васил Главинов“, па лево по улицата „Димитрие Чуповски“, право до крстосницата помеѓу улицата „11-ти Октомври“ и булеварот „Кочо Рацин“.
Потоа, од пред МТВ и МАНУ право по булеварот „Крсте Петков Мисирков“, право по булеварот „Кочо Рацин“ до крстосницата со улицата „11-ти Октомври“, како и од пред Транспортен центар право по булеварот „Кузман Јосифовски Питу“, лево по булеварот„Кочо Рацин“ до крстосница со улицата „11-ти Октомври“.
Исто така, ќе биде затворена делницата од Тутунски комбинат право по улицата „11-ти Октомври“ до крстосницата со булеварот „Кочо Рацин“, како и од крстосницата помеѓу булеварот „Кочо Рацин“ и улицата „Беласица“ право по булеварот „Кочо Рацин“, десно по улицата „Свети Кирил и Методиј“ до седиштето на ЕУ, каде што во 14 часот ќе се одржи митинг.
Покрај ова, утре од 14 часот до недела на болноќ, ќе биде затворена за сообраќај улицата „Свети Кирил и Методиј“ и тоа на потегот од крстосницата со булеварот „Кочо Рацин“ до крстосницата со булеварот „Свети Климент Охридски“.