Возачите на ЈСП се стискаат по 6 часа, нема каде да се олеснат

Од ЈСП не дадоа конкретен одговор на прашањето зошто се отстранети подвижните тоалети кои досега биле наменети само за возачите на автобуси. Оттаму велат дека за овој проблем никогаш не се разговарало и дека во моментов не можат точно да кажат зошто е направен ваквиот пропуст.

4264

Принудени сме или да трпиме за во тоалет повеќе од шест часа во денот, или да ги оставиме патниците да чекаат во автобусот додека ние се обидуваме да пронајдеме соодветно место во околината за да ги извршиме физиолошките потреби. Ова за Плусинфо го вели вработен возач на автобус во ЈСП, кој посочува дека проблемот настанал неодамна откако без никакво објаснување биле отстранети сите подвижни јавни тоалети кои служеле само за потребите на возачите.

– Се снаоѓаме. Мора да се снаоѓаме. Тоалети за нас нема, па честопати сме принудени да трпиме и повеќе од шест часа. Оние колеги, пак, што не можат да издржат, го запираат автобусот на улица и трчаат да најдат некое затскриено место во околината за да се олеснат. Навистина е неиздржливо, ама нема што друго да се прави. Порано имаше јавни преносни кабини на сите почетни и крајни станици, но јас навистина не знам зошто ги отстранија – раскажува за Плусинфо вработен во ЈСП.

Тој вели дека јавни тоалети во моментов има само под Железничката станица, но како што објаснува, не сите автобуски линии поминуваат оттаму. Исто така, додава тој, освен возачите на автобуси, со истиот проблем се соочуваат и вработените во билетарниците на ЈСП.

– Многу автобуски линии воопшто не водат кон Железничката станица, па возачите буквално се оставени во немилост. Истото важи и за вработените во билетарниците. Замислете, овие луѓе секојдневно работат по осум часа и принудени се да ги молат сопствениците на околните дуќани да им дозволат да го користат нивниот тоалет – раскажува нашиот соговорник.

Од ЈСП не дадоа конкретен одговор на прашањето зошто се отстранети подвижните тоалети кои досега биле наменети само за возачите на автобуси. Оттаму велат дека за овој проблем никогаш не се разговарало и дека во моментов не можат точно да кажат зошто е направен ваквиот пропуст. Тие само ни ветија дека за проблемот ќе ги известат раководителите во ЈСП и дека наскоро ќе ни соопштат конкретни информации.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...