Водопадите кај селото Прстен, оддалечени десетина километри од Валандово, ги воодушевуваат македонските граѓани, но ги мамат и странците да дојдат и да уживаат во нашата природа.
За да видиме некои од нив, беше потребно и јаже, за кое се држевме додека се спуштавме надолу полни со адреналин и среќа од нашата нова авантура.
На убавините на водопадите никој не остана рамнодушен. Некои се фотографираа за спомен, други итаа наоколу истражувајќи го секој дел од природата, а трети медитираа.
Водич на планинарската акција во која имаше членови на планинарскиот клуб „Југ“ од Валандово, но и други планинари и љубители на природата, беше искусниот планинар Гоце Монев од овој клуб.
– Ова е природно богатство со кое располага нашиот крај а за кое многу малку луѓе знаат. Сакаме да го промовираме ова природно богатство, да го видат што е можно повеќе љубители на природата. За таа цел планираме и уредување на планинарски патеки за сите авантуристи – вели Зоки Костадинов, претседател на клубот.
Патеката беше долга 8,5 километри, со пократки паузи може да се заврши и до 3-4 часа. Сепак, ние одевме со ќеф побавно и уживавме во пријатниот воздух и магијата на ова место во пазувите на планината Беласица. Водотеците се Дерман Дере, Казал Каја и Чатлик Дере, кои ја сочинуваат Прстенска река и која се влева во Анска река.
Поединци застануваа да си наберат чај, а со нас другаруваа и шарените пеперутки, но и ракчињата кои срамежливо излегуваа од реката за да нѐ поздрават. Очи во очи, качена на гранка нѐ пречека и змија, што им беше навистина интересно на оние кои немале можност да видат во природа, ами само во зоолошка.
Од дружењето и четирите водопади кои ги посетивме добивме само убави спомени и нови пријатели за довека.
– Лани бев на акцијата од истиот организатор за разгледување на водопадите кај Кочули, па затоа годинава дојдов првпат да ги видам и оние над село Прстен, по долините на реките Казал Каја и Дермен Дере. Сум одела насекаде по стрмната Беласица, која ми е омилена планина, но јужниот ми беше целосно неистражен. Воодушевена сум од пределот овде, кој бара авантуристички дух и качувачки вештини при пристапувањето кон водопадите. Собрав и интересни габи, кои ги собирам за научни цели, како и за примена во моите ликовни дела – вели Кристина Зимбакова.
View this post on Instagram