Чуван од девет чувари, зклучен со „девет катанци“ кабинетот на Клемент Атли беше најголемата енигма за британската и светската јавност. Се што излегуваше од таму беше филигрански детерминирано. Во една прилика обидувајќи се да ја дефинира политиката во интерес на државата Атли рече: „Има политика и политика… Едната е цврста и неменлива, а другата е – гола политика налик на црвен фенер во блескавите излози од амстердамската „улица во која секој може да си купи услуга од практикантите на најстариот занает на светот“!
Бизмарк пак, големиот германски канцелар, за да и стави „узда“ на преголемата германска заинтересираност за државните работи, рече: „Не секој знае како се прават колбаси и – политика“!
Пред триесетина години како млад новинар закажав разговор со легендарната партизанка Вера Ацева, алијас Сирма Војвода, со нагласена надворешна строгост до суровост, а всушност тешко разјаснива, длабоко закопана интимност. Вера Ацева живееше во пространа куќа на Водно, екс територија резервирана за високи функционери, и успешни „револуционерни претприемачи“ во Скопје. На разговорот присуствуваше и Крсте Црвенкоски, но повеќе како „сведок“ , а многу малку како учесник. Меѓутоа, кога поставив едно „ненумерисано“ прашање зошто јавноста вели дека „ убавата и густа шума на Водно ја зазедовте вие учесниците во револуцијата во која се боревте и против привилегиите“, тогаш Црвенковски во негов стил рече: „Млад новинару, Водно не е брдо на боговите, туку за боговите“!
И разговорот тргна во малку непредвидена насока, но мене тоа ми одговараше за да поставам уште едно „обвинителско прашање“ овој пат лично до Вера Ацева: „Прилеп, вашиот Прилеп другарке Ацева ве обвинува дека како министерка не сторивте ништо за својот град“!? Вера не се збуни, туку како да го очекуваше прашањето…„Не еднаш, стопати прилепчани можат да ме обвинуваат и на бесилка да не однесат, но тие треба да занаат дека јас кога бев во Владата на Народна Република Македонија, јас не бев министерка да го дотерувам Прилеп, јас бев одговорна за цела Македонија“!
Оваа далечна реминисценција ме втурна во овие рецентни настани во кои истовремено се фалат и разобличуваат политики на партии, а се занемарува заедничкиот интерес на државата Македонија. Не разбирам, ниту се сложувам дека било која партија сама за себе или во коалиција со други партии можат да бидат – држава, поготово кога едните се повикуваат на пенетрирање (невидливо, суптилно продирање) на една држава во друга, а другите на евроатлански многу страни придобивки.
Случувањата денес се случувања за утре кој како и колку да ги (при) добие гласачите за наредните избори. А, колку би било добро да се случуваат државнички настани во интерес на Македонија.
На пистата двата „боинзи“ (ВМРО ДПМНЕ и СДСМ) имаат патници со билети за првите капетани кои пред полетување (30 септември) им испорачуваат свои пораки.
Господинот Мицковски првиот човек на ВМРО ДПМНЕ им се обраќа на своите патници со недифинирана, но дијаманстки обработена порака: „Не секирајте се, ВМРО ДПМНЕ е тука“. А, господинот Заев пак со неприкосновените придобивки „сигурност, заедништво, толеранција, стабилност, мир, уважување на различностите, наоѓање компромиси наспроти создавање конфликти, со еден збор промоција на отворено општество и доследно почитување на личните права и слободи кои се од епохално значење за државата Македонија.
Човеците, како што милува да каже господинот Стојан Андов, природните ресурси и православието не се на продажба, ниту пак има купци за нив. Му верувам на достоинствениот државник Бранко Црвенковски кој во својата прва пишана изјава за јаваноста рече дека е уверен, и ќе излезе на референдумското изјаснување и ќе гласа „за“ Преспанскиот договор кого го смета за нужност од која во даденава ситуација нема бегање. Најголемата доблест на овој човек е неговата способност да продира во суштината на македонските работи, се разбира понекогаш и со преценување на – непроценетото. Кога Црвенковски вели „ќе излезам да гласам“ тој не порекнува дека Преспанскиот договор нема да изроди некои негативни последици, туку тие „ќе бидат несразмерно помали од неговото евентуално пропаѓање“ .
Македонија во овој момент нема избор на кое „царство да се приклучи“ затоа што и најголемиот цар ја сака „царштината наречена Европа“. А, пак кога таа царштина ја сака твојата држава да влезе во нејзиниот сојуз тогаш зошто толку сомнежи за иднината која е толку осветлена и многу пати потврдена.