Ескалацијата на тензиите меѓу Северна Кореја и Соединетите Американски Држави, а деновиве и меѓу САД и Русија околу Сирија, предизвикаа стравувања кај луѓето од нуклеарна војна.
Што да направите пред нуклеарна експлозија?
Експертите препорачуваат да ги следите упатствата дадени подолу за да знаете како да се заштитите себе си, вашето семејство и вашиот дом, ако мислите дека таков напад е неизбежен.
• Подгответе комплети од залихи на храна за итни случаи со продукти кои не се расипуваат, вода, радио на батерии, дополнителни рачни светилки и батерии. Можеби ќе сакате да подготвите комплет од залиха за вашето работно место и комплет за носење кој ќе го држите во вашиот автомобил, во случај да ви се каже дека треба да се евакуирате.
• Направете план за семејство за итни случаи. Вашето семејство можеби нема да биде заедно кога ќе се случи катастрофата, па затоа е важно да знаете како ќе контактирате меѓусебе, како ќе се најдете повторно заедно и што ќе направите во случај на итност.
• Прашајте одговорни лица дали има јавни згради во вашата околина што се означени како засолништа. Ако не постои таков изграден објект, направете своја листа на потенцијални засолништа. Вакви места може да бидат подруми или средишни простори без прозори во пониските спратови на високите згради.
Што да направите за време на нуклеарна експлозија?
• Слушајте ги официјалните информации преку интернет, радио или телевизија и следете ги упатствата дадени од луѓето одговорни за итни случаи.
• Ако се издаде предупредување за напад, покријте се што е можно побрзо, ако е можно под земја, и останете таму додека не добиете следни инструкции.
• Пронајдете ја најблиската зграда, по можност изградена од тула или бетон и влезете внатре за да го избегнете радиоактивниот материјал што ќе паѓа надвор.
• Доколку може да стигнете до подобро засолниште за неколку минути, како што е некоја катна зграда или подрум, веднаш одете таму.
• Одете колку што е можно повнатре или во центарот на висока зграда. Целта е да имате бариера од многу ѕидови и многу бетон, тула и почва помеѓу вас и радиоактивниот материјал надвор.
• Очекувајте да останете внатре најмалку 24 часа, освен ако не е поинаку кажано од страна на властите.
Што да направите ако се затекнете надвор?
• Не гледајте во блесокот или огнената топка – може да ве ослепи.
• Засолнете се или покријте се со нешто што може да послужи како заштита.
• Легнете на земја и покријте ја главата. Ако експлозијата е оддалечена, може да потрае 30 секунди или повеќе додека ве погоди експлозивниот бран.
• Засолнете се веднаш штом ќе можете, дури и ако сте многу километри далеку од местото каде што се случил нападот – радиоактивните честички се носат од ветровите стотици километри подалеку.
• Ако сте биле надвор за време или по експлозијата, исчистете се што е можно поскоро, за да го отстраните радиоактивен материјал што може да падне на вашето тело.
• Отстранете ја целата облеката што сте ја носеле за да не го пренесувате понатаму радиоактивниот материјал. Отстранувањето на надворешниот слој на облеката може да отстрани до 90 отсто од радиоактивниот материјал.
• Доколку сте во можност, ставете ја контаминираната облека во пластична кеса и запечатете ја или врзете ја торбата.
• Кога е можно, истуширајте се со многу сапун и вода што ќе помогнат да се отстрани радиоактивната контаминација. Не ја тријте или гребете кожата.
• Измијте ја косата со шампон или сапун и вода. Не користете омекнувач за вашата коса, бидејќи тој ќе го врзе радиоактивниот материјал со косата и нема да дозволи лесно плакнење.
Што да направите по нуклеарна експлозија?
Во Британија сега се подготвува нов систем за алармирање за подготовка на граѓаните за ужасот на нуклеарната војна.
Во мрачните денови на Студената војна, британската влада разви систем на „четири минути за предупредување“ за да ја предупреди јавноста дека земјата е нападната.
Како системи за предупредување порано беа користени сирените кои предупредуваа воздушен напад, а потоа и телевизиски и радио емисии. Денес текстуалните пораки и социјалните мрежи се посоодветна метода.
Стапката на распаѓање на радиоактивниот материјал е ист независно од големината на нуклеарната бомба.
Сепак, количината на честичките варира во зависност од големината на бомбата и колку блиску до земјата била експлозијата. Затоа, неопходно е луѓето во областите со највисоки нивоа на зрачење да бидат засолнети до еден месец.
Најтешките последици ќе бидат ограничени на површината на земјата или како последица од ветерот за време на експлозијата, а 80 отсто од радиоактивниот материјал ќе падне во текот на првите 24 часа.
Луѓето во повеќето области кои би биле зафатени би можело да излезат од засолништата во рок од неколку дена и, доколку е потребно, да се евакуираат во неконтаминираните области.
Во случај на нуклеарна експлозија продолжете да слушате вести на радио и телевизија за тоа што треба да направите, каде да одите и кои места да ги избегнувате.
Останете подалеку од контаминираните области. Останете подалеку од областите означени со „опасност од зрачење“ или „опасен материјал“.
Запомнете дека зрачењето не може да се види, да се помириса или на друг начин да се открие со човечки сетила.
Подготви: А.Ј.