Водите и шумите се патриотизам, господа Зоране и Христијане

Колку што знам, за малку мито  во Македонија можеш да внесеш „Циклон Б“, како детски шампон и најштетни земјоделски ѓубрива со лажни декларации. Само нека е ефтино.

1209

Не е само кај нас, туку за сите региони, каде луѓето се декларираат за „сиромашни“. Не е сиромаштијата во парите, тоа „западот“ го научи, но, дека се опамети, не може да се каже. Ние секако, ниту сме сфатиле, ниту научиле, а додека да се опаметиме, животниот простор ќе го направиме чист отров.

Знае Илина Арсова за што говори. Некои тоа го нарекуваат „цена на сиромаштијата“, а не говорат за пари, туку за дух и знаење. Дефинитивно, работата е многу покомпликувана од прашањето кој сфатил, а кој не. Тие кои сфатиле, предлагаат толку скапи решенија, што ќе ти се чини дека „дарата е поголема од мерата“.

Страшна работа ова париве. Да ги имаш – не чини, да ги немаш не чини. Одговорот е само во политичката волја и умот. Имаш пари, без ум? Нема гајле. Ќе ги немаш, за да „си ја платиш глупоста“. Поточно, додатно ќе се позајмиш. Кредит – трансфер системот (фамозната Болоња), не нуди ум, туку „колективен ум“, кој многу кошта и лесно се корумпира. Имаш ум – немаш политичка волја? Уште полошо. Паметните ќе ти работат во странство, а експертскиот „колективен ум“ ќе го водат политичари. На здравје.

Јас морав вака да започнам, иако не говорев за парите, туку за водата. Ете ме мене со муабет за водата, со цревото во раката, додека ја мијам колата, како што цел свет, а посебно Европа, се тресе над водните „ресурси“, кои истовремено ги труе, а (велат) не може поинаку: човек мора да јаде, не? За водата што ја трошам без врска, нема гајле, таа е веќе „надвор од приказната“, веќе загадена заради земјоделието. Да беше од планина, не ќе беше, но оваа бунарскава се смета за вода од „речно сливно подрачје“. И во „паметната“ Европа водата од речните сливни подрачја, во 90% е таква и не е (како што експертите милуваат да кажат) со „добар еколошки статус“. Другите европски води за пиење се во 42% под ризик од загадување.

Море памет ова европава, иако е попаметна од остатокот на светот. Кај другите (значи и кај нас) се случува вистинска катастрофа. Ајде, да речеме дека Европа има, и ќе сѝ плати за да спроведе мерки да „подзачисти“ каде што какала, но, што со сиромашниот „свет“? Од каде пари да сѝ ја плати глупоста и неукоста? Да ја поскапи водата? Заради што? Што ќе направат со парите, освен да сѝ ја зголемат платата? Да имало ум водата немало да биде загадена. Ах, да. Ние го имаме името за добро утро, добар ден и лека ноќ. Патриоти до такво.

Водата што ја трошам, исто така, „не е многу скапа“, па, ми се може, но, тоа не е само македонска работа. Овој специјалитет „ефтино, но отровно“ е на светското мени: го порачуваш – го добиваш, не го порачуваш – го добиваш. Реките немаат пасош, па да ги запреш на граница, а одгледувањето домати без вода, сеуште не е измислено. Ајде биди паметен сега.

Македонија мора многу да помисли околу своите водни ресурси. Добро Груевски, добро Заев, добро Скопје 2014 – та и судски процеси и… Ама, тоа е сега – за сега. Дали е правда, дали неправда, дали циркус за народ, небитно е. Најбитните работи ги пропуштаме и ги оставеме на стихијата. Еден ден, овој ресурс, за кој сега се колнеме дека е ОК, ќе биде причина за масовно исселување, оти ние немаме ниту пари, ниту ум за да ги ублажиме последиците од загадувањето.

Водите се една од тие работи. Додека се занимаваме со пумпање на егото и политичка кариера, стануваме токсична држава, а европските „водни повици“ нам нѝ служат за сѐ друго, освен за вистинска грижа. Кај нас е најголемо политичко постигнување ефтината вода. Тоа е рецепт за катастрофа.

Ние, како сиромашни, не толку учени и како трабанти на европските „Поттикнувачки механизми за промоција на промена на користење на замјата и водата“ (трабанти, оти само изговараме, а не знаеме ниту што тоа значи), мораме да мислиме многу подобро и поодговорно од Европа, оти нема да можеме да сѝ ја платиме негрижата, еден ден. Нам, порано, не ни требаа тие „поттикнувачки механизми“, оти сѝ ја имавме традицијата. Остававме шуми и шумски појаси во самото земјоделско земјиште, кои ги редуцираа загадувачите од земјоделието, ги успоруваа ветровите, го чуваа биодиверзитетот. Користевме природни ѓубрива, традициски плодоред, полицијата спречуваше незаконска сеча на шума… Имавме „Просторни планови“, спрема кои европските скапи и скоро неразумно амбициозни „мерки“ се крстена вода. Сега, кој нѝ е крив дека последниот е правен далечната 1998 година (веќе е „антички“), кој беше во 90% препишан од порано.

Значи, Македонија веќе плаќа за својата глупавост и предавничкиот менталитет (името, па името. А водата? А шумите?…). Просто, не знаеме во кој гол тераме. Затоа, ќе ја слушаме Европата, кога се откажавме од себе, на сите начини. Но, подобро нешто, отколку ништо. Таму барем знаат дека ја дупнале топката, додека ние глумиме невиност и патриотизам со името.

Европата објави „Директиви за водите“, сѝ зададе цел до 2027 – та водите да добијат „добар еколошки сатус“, објави „Политики за декарбонизација на шумите“, сфати дека климатските промени не служат само за добивање докторски дисертации, туку дека бараат реакција, како на пример, во однос на сушите. Кај нас, во однос на сушите, нѝ помага само „Додолето“. Најважно, сега пресметува колку ќе ги чини тоа задоволство да имаат (барем) прифатлива вода во речните басени и околината (каптажи). Затоа и ја договорија првата акција за садење шуми до земјоделското земјиште, па барем околу изворите на вода (радиус од 10 километри шума околу важните извори). Договараат како да се собираат податоци за загадувањето, како да се споделуваат информациите, прават проценки на „ милениумскиот екосистем“, развиваат корпоративна одговорност (башка од стратегијата: кој што загадува, да плати повеќе), па дури и „Економија на екосистеми и биодиверзитет“, школуваат „еко-економисти“, ги спојуваат шумарите, агроинжинерите, експертите за вода и финансиски услуги, забрануваат штетни ѓубрива и хемикалии, кои не смеат да се користат во земјоделието.

Колку сето ова ќе помогне, колку ќе кошта, колку ќе успее, никој не знае, но „патувањето“ започна со признавање на дупнатата топка со водите и „одврзувањето на ќесето“.

Лесно да се каже, тешко да се реализира. Тука треба едукација од шумари и земјоделци, до цариници и институти, агенции, инспекции, локални самоуправи… Европа е решена тоа да го стори со себе, но тоа ќе го бараат и од идните членки на ЕУ. За Македонија тоа ќе значи уште една „Еколошка Грција“, која ќе стави вето, затоа што, со водите, како и со ѓубрето, сме за никаде.

Во наши услови, за тоа да се спроведе, прва стапка е борбата со криминалот. Колку што знам, за малку мито  во Македонија можеш да внесеш „Циклон Б“, како детски шампон и најштетни земјоделски ѓубрива со лажни декларации. Само нека е ефтино.

Втората ставка е борбата со умот и нашата навика да бараме ефтино, па нека е и отровно. Народ, кој држи до себе, не се гордее со ефтина вода, како што не се гордее со ефтината работна сила и субвенционирани (ефтини) туристички тури. Институции, кои стопанисуваат со води, не се гордеат со политички абдали, туку со врвни еколошки експерти. Едното и другото мора да одат заедно оти (веќе рековме) „парите се отепувачка“, кога имаш пари, а немаш мозок. Или (еднаш) ќе бидеме паметни и навреме ќе реагираме, или Македонија, наместо „горна“, „лева“, “десна“, Илинденска или скопска, ќе биде „Депониска Македонија“. Разум бре политички лидери, не е ова вадење заб, не боли толку.

Можеби, кога ќе успееме да сѐ преброиме, ќе нѝ тргне и со податоците за загадувањето на водите, кои нема „да ги произведуваме“, туку ќе ги мериме… и ќе направиме нов Просторен план на РМ, кој ќе мора да се донесе со закон, кој мора да предвиди страшни казнени мерки за изготвувачите на планот (од ГУП – овите, до шумарите) ако решат да „мочаат во водата“.

Ете тоа би бил вистински патриотизам господа Зоране и Христијане.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...