Внимавајте на жешкото: Две скопјанки колабирале денеска – една на гробиштата Бутел, друга во Чаир

Организмот прво се штити со центарот за терморегулација кој ги проширува крвните садови на телото, а потните жлезди преку потење го разладуваат организмот, тоа се терморегулатори на телото. А за самите да му помогнеме на организмот за полесно да се справи со горештините важно е да пиеме обична вода и да внесуваме минимум, но доволно сол којшто се излачува и преку потта - предупредува д-р Марина Сотировска,шеф на смена во Итна помош.

616

Од горештините се случува да колабираат на јавни места и по десетина скопјани дневно, а токму денеска околу пладне две жени се онесвестиле и тоа една на Градските гробишта Бутел, а друга во населбата Чаир. Во двата случаи интервенирале екипи на скопската Итна медицинска помош, како и за другите граѓани кои во меѓувреме се онесвестиле на јавни места. Во Чаир без свест останала помлада жена.

Еве што појаснуваат лекарите за новиот, којзнае кој по ред топлотен бран ова лето, кој почна да нѐ заплиснува од вчера, во врска со тоа дали организмот е веќе адаптиран на температури повисоки и од 35 степени Целзиусови, па помалку трпи поради жешкото или секојпат повторно се прилагодуваме на тропските горештини.

– Нормално, организмот се адаптира на топлото време, но не смееме да се опуштиме. Мора да бидеме претпазливи, особено во најжешкиот дел од денот и да ги следиме упатствата од несаканите последици од сонцето и од горештината. Значи носење лесна облека, пиење доволно течности, престојување под сенка во најтоплиот дел од денот, ако веќе мора да се излезе надвор – вели д-р Марина Сотировска, шеф на смена во скопската Служба за итна медицинска помош.

Во врска со тоа што се случува во организмот, кога температурата надвор е повисока од таа на телото, која изнесува околу 36,6 степени, таа вели:

– Организмот прво се штити со центарот за терморегулација кој ги проширува крвните садови на телото, а потните жлезди преку потење го разладуваат организмот, тоа се терморегулатори на телото. А за самите да му помогнеме на организмот за полесно да се справи со горештините важно е да пиеме обична вода и да внесуваме минимум, но доволно сол којшто се излачува и преку потта, па ja губиме. Ова е важно бидејќи со губење течности и сол, ако не се надоместуваат, може да дојде до намалување на крвниот притисок што може да доведе и до колапс и до дехидратација – предупредува д-р Сотировска.

Лицата со покачен крвен притисок на ова особено да внимаваат и да не претераат со внесување сол, за да не им се зголеми притисокот.

Во врска со тоа кој е односот на граѓаните кон советите за заштита од топлотниот бран со кои се речиси „бомбардирани“ секојдневно, а повторно се случуваат и колапси на јавни места и дехидратации. Дали помислуваме „тоа мене нема да ми се случи“ одејќи  по жешкото време без шишенце со вода или излегувајќи од климатизирана, речиси  студена просторија, директно надвор на плус 40 степени?

– Најчесто мислиме така – тоа нема да ми се случи мене, а кога сепак ќе се случи, како што се вели „на своја кожа“, тогаш е доцна, но ја добиваме лекцијата за нареден пат. Најчесто дел од луѓето не се доволно свесни дека може да има големи последици по здравјето ако не ги практикуваме препораките за заштита од топлото време, особено возрасните лица и пациентите со хронични кардиоваскуларни и други заболувања.  Помладите малку полесно се справуваат со горештините, но секако и тие треба да внимаваат – советува д-р Сотировска.

За тоа по колку колапси се случуваат кога има вакви жешки денови, лекарите појаснуваат:

– Мислам дека секоја година е таа бројка – по околу 10 колапси дневно кога е вака  жешко, но тоа зависи од денот. Имаме денови кога е пораздвижено, во работни денови кога луѓето се со повеќе обврски има и поголем број колапси. А за време на викендите е намален бројот. Важно е да не излегуваме нагло во најжешкиот дел од денот, задолжително да го проветриме возилото и да не влегуваме веднаш. И секако тоа што постојано го напоменуваме – да не биде нагло излегувањето од климатизирана соба каде е 18 степени на 40 степени, што е многу опасно – додава таа.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...