Денеска и утре на улицата „Димитрија Чуповски“ во центарот на Скопје ќе има привремен сообраќаен режим поради изведување градежни работи.
Како што соопштија од Град Скопје, ќе се асфалтира делот на потегот од раскрсницата со булеварот ВМРО до крстосницата со булеварот Свети Климент Охридски. Така, денеска почнувајќи од 7 часот наутро па до 7 часот на утре (сабота) ќе бидат затворени за сообраќај три коловозни ленти, и тоа: две ленти во правец Центар – студентски дом „Кузман Јосифовски Питу“ и една лента во правец дом „Кузман Јосифовски Питу“ кон Центар.
Возилата што се движат од Центар кон „Кузман Јосифовски Питу“ ќе мора да вртат десно на крстосницата на булевар ВМРО со улицата „Димитрија Чуповски“ и да возат кон булеварот Партизански одреди. Возилата што се движат од домот „Кузман Јосифовски Питу“ кон Центар ќе се движат во една лента, крајната десно.
Исто така, возилата што се движат по улицата „Васил Главинов“ кон крстосницата со улицата „Димитрија Чуповски“ ќе можат да одат право кон булеварот ВМРО и лево кон Центар. Вртењето во десно, за нив ќе биде забрането.
Во сабота, пак, со почеток во 7 часот наутро до 7 часот во недела, исто така ќе бидат затворени три ленти, и тоа: две ленти во правец од „Кузман“ кон Центар, и една од Центар кон студентскиот дом.
Возилата што се движат од Центар кон „Кузман Јосифовски Питу“ ќе се движат по една коловозна лента, а возилата што се движат од „Кузман Јосифовски Питу“ кон Центар ќе вртат лево или десно по булеварот „Свети Климент Охридски“. Исто така, вртењето во десно од булеварот „Свети Климент Охридски“ кон улицата „Димитрија Чуповски“ ќе биде забрането, односно возилата ќе продолжуваат да се движат право по булеварот.