Внатре „алагруевски“, надвор „алаевропски“

891

Помина, почитувани, две години од ерата на Зоран Заев, па ајде и јас да се позанимавам со тумачење на таа ера, со сите нејзини достигнувања и перспективи. Добро, каков ми е општиот впечаток? Вообичаена македонска политика како македонска политика. Или во превод, многу врескање и урлање за ништо.

Новата ера почна како што почнуваат сите претходни македонска влади – громогласно, ама и релативно, а можеби и таков е периoдот заради натегнатата „метла“ или, најавената реконструкција на владата. Дури не би ја нарекол ниту „реконструкција“, туку прекомпозиција, затоа што сепак се работи за конкретни луѓе, а не за домашен „намештај“: не се виновни владините министри (иако и тие може да бидат проблематични), туку отсуство од било каква втемелена политика внатре во земјата.

Факт е дека Зоран Заев ја преврте земјата сто и осумдесет степени, го сврте кормилото кон Европа, изведе коперникански обрт, ама сепак тука застана. Точно е дека поапси некои сомнителни типови, ама, ете, гледаме дека и тие сега излегуваат од „прдекана“. Сѐ тоа, почитувани, е типично за македонската политика, сѐ тоа е типично за сите власти од сите бои, знаменца и времиња. Живо ме интересира дали некој во владата е свесен дека времето е иреверзибилна категорија? Судејќи според состојбата на работите, со сомневам дека таков „зет“ во владата постои. Овде и понатаму се води политика како да ја имаме целата вечност на располагање.

Во таа смисла, би рекол дека Заев тргна по чекорите на Груевски. „Како тргна“, ќе вреснат дежурните др(н)каџии? Така што насобра голема популарност, концентрира огромна моќ во своите раце, ама се гледа, не знае што со тоа да прави, и реално, не би имал со кого да менува политички работи внатре во земјата. Преполни му се рацете со „коалициони обзири“, па некои важни системски работи, да речеме во културата, им ги препушти на дилетанти и луѓе кои се залутани во ресорот. Немам јас, почитувани, никаков сомнеж дека Зоран Заев ќе има долг и стабилен премиерски мандат, само што после тоа го чека, тоа е големо прашање.

Очигледно е исто така дека македонскиот политички систем се сведува на моќта на еден човек. Тоа од една страна ги поедноставува работите, ама од друга страна ги комплицира. Оти според природата на работите, ако само еден човек е моќен, сите други се немоќни.

Без разлика што јас до денес мислам за Зоран Заев, а мислам дека е благ човек со голема енергија, главниот протагонист за решавање на тридеценискиот билатерален спор со Грција, сепак, и тој човек има свои успони и падови, па и таа „реконструкција“ во владата ќе зависи од неговото расположение и лични афинитети. За сѐ ова погоре, не треба да мислиме ние, „критичката јавност“, туку актуелниот најмоќен човек на нашите кревки животи.

Од друга страна, како најмоќна политичка структура се наоѓа ВМРО-ДПМНЕ. Мицкоски се претвори во потполна конфузија, небулозни еготрипови од кои никој во неговата партија не смее да го разбуди. Не беше така одамна кога разни луѓе меѓу нас, вклучително и мојата маленкост, велеа дека ДПМНЕ ќе падне на сите следни избори затоа што нема јасна и консеквентна политика, и дека политиката „добро јутро чаршијо на све четири стране“ всушност не е никаква политика. Велеа луѓе дека не може „и името и Европа“, велеа луѓе дека не може „и капитализам и социјализам“, велеа луѓе дека не може „и Јанко и Станко“, велеа луѓе дека не може „и вино и ракија“, и ова и она…

Кога, види богати – собра Мицкоски прилично голема бројка на избори, а сепак, повторно останаа надвор од игра! Што е тоа што во меѓувреме со нив се случи? Со СДСМ работата е јасна: останаа доследни на себе, на своите фиксации, на своите внатрешни раскантани политики, и за нив тоа е клучниот проблем, затоа што нивната надворешна политика не коренспондира со внатрешната, па си седат во својата „дебела“ сенка, мудруваат, само што разликата измеѓу нас и нив е во тоа што ние, граѓаните на оваа земја, сме на „ветрометина“, а тие се на топло и суво.

Со ВМРО-ДПМНЕ приказната е сосема поинаква. Мицкоски влезе во зоната на ирелевантноста во оној момент кога ја постави Силјановска за кандидатка за претседател. Мицкоски стана ирелевантен тогаш кога неговата политика „триумфираше“ од новиот мејнстрим на претстојните претседателски избори. Големиот број за Силјановска го направија ирелевантен затоа што идеолошки е дезориентиран, далеку од конзерватнивна и национална политика, како што е ужасно далеку од проевропска и модерна десница. А ако ДПМНЕ не може да биде модерна десница, тогаш таа партија е ништо во политичкото поле. И до ден-денес не е возможно да се категоризира што е таа партија, освен да бидеш некаков дезориентиран „носач на авион“, персонификација за сите нивни откачени амбиции и самопроекции на својот лидер.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...