ВМРО на магарешка клупа

Ни сега нема да им успее на Мицкоски-Груевски и компанија да ја урнат владата, но ќе ја натераат да губи драгоцено време за одговор на нападите. Време потребно за водење на државата и нејзино лечење од болеста што ја предизвика токму партијата што сега бара гласање за доверба.

737

Своето враќање во Парламентот, Мицкоски и компанија го доживуваат, најблаго кажано, како понижување, па решија да прибегнат кон евтини финти, како што е гласање за доверба на владата. Тоа се совпаѓа и со плановите на премиерот за реконструкција на владиниот состав. Што и да направи Заев со владата во овој период, Мицкоски (читај: Груевски), ќе го прикаже како успешен притисок на вемерото.

Валканата политичка игра повторно е во дворот на СДСМ, кој никако не успева да ја поведе иницијативата. Постојано се доведува во ситуација да се брани, да ги санира штетите, да прави жив ѕид во непосредна близина на својот гол. А има адути токму за обратното – ВМРО да се занимава со себе деноноќно, а не да се консолидира и да продолжи со своите зулуми.

Одамна е апсолвирано прашањето за одговорноста на партиската врхушка на националистичката ВМРО-ДПМНЕ за 11-годишниот погром врз демократијата. Отворено е и тревожното прашање за одговорноста на оваа партија и како најголема опозициска партија.

Но, што се случува? За секоја ситница, Заев свикува лидерски средби, најчесто затворени за јавноста. На кои, колку што знам јас, нема претставници од други партии. Добро, Заев и нема кого да покани на своја страна на таквите состаноци – главниот коалициски партнер му е албанскиот огранок на ВМРО-ДПМНЕ… Сега подзасилен со Амди Среден Прст и други креатури…

Ова е време кога државата и општеството се соочуваат со тешките последици од дивеењето на режимот на ВМРО-ДПМНЕ, кога мора да се донесат значајни одлуки и да се спроведат комплицирани и болни реформи. И кога криминалците треба да одговараат. Наместо тоа, структурите кои им служат како јатак на тие криминалци, практично, учествуваат во управувањето со државата.

Со други зборови, премиерот нема обврска да се консултира со Мицкоски. Нема зошто да се обидува да го одоброволува и убедува за ништо. Мицкоски е дискредитиран лидер на дискредитирана партија и тоа во опозиција. Заев и неговата влада се одговорни за водење на државата, за носењето на сите одлуки, и популарните и помалку популарните. Таа одговорност мора сам да ја носи, со сите придобивки и со сите неволји што таа одговорност ги предизвикува.

Опозицијата е тука да учествува во политичкиот живот и да критикува или придонесува. Што и да одбере опозицијата, нејзината главна цел е да се врати на власт, посебно ваква опозиција. Зошто владејачката партија и нејзиниот супер-популарен лидер се обидуваат да ја извлечат партијата која самата се турка во жив песок, не е сосема јасно, но секако може да биде погубно. И по владата и по државата.

Кога предлагав(ме) импичмент за фикус-претседателот и испитување на неговата деловна способност, никој не се обиде ни да нѐ послуша. Кога барав(ме) да се спроведе правдата, ни беше кажано дека таа е бавна, но дека ќе дојде. Три години без правда се и три години без мир. А тоа е премногу и за најбавната правда.
Зошто го велам ова? Ни сега нема да им успее на Мицкоски-Груевски и компанија да ја урнат владата, но ќе ја натераат да губи драгоцено време за одговор на нападите. Време потребно за водење на државата и нејзино лечење од болеста што ја предизвика токму партијата што сега бара гласање за доверба. Така, ќе се троши и драгоценото време потребно за правда.

Уште колку криминалци ќе си одат од земјава со куфери полни пари што Фамилијата ги украде од народот? Поточно, не ги украде, туку ги грабна. Се шетаат со насмевка на лицето, со полни стомаци, со гаќи од по 500 евра, додека илјадници фамилии немаат што да јадат денеска. Пробајте да не јадете и да ги изгасите струјата и водата еден ден. Ќе видите каков е животот на илјадници деца во Македонија – секој ден.
Времето да се решат овие и безброј други проблеми за кои не само што не се грижеше ВМРО-ДПМНЕ, туку е одговорна за нив, сега ќе се троши на занимавање со нивното условување во парламентот. Неверојатно, но вистинито.

Пред некој ден, Заев им понуди лекции по економија на Мицкоски и неговите. Сигурен сум дека може да им одржи и друг вид лекции. Време е и да им ги одржи, без оглед на тоа дали тие ќе бидат добри ученици или не. Се знае, лошите ученици седат во магарешка клупа.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...