Доколку клучните политички фактори во државава, предводени од Заев и инкарнациите на Груевски во различните алотропски политички модификации во неговата партија, решиле да го отворат процесот на меѓусебно „простување“ и „помирување“, ред би било во неизвесниот резултат на тој „историски пакет“ да се најде и одамна пропуштената прилика за ЗАБРАНА на употребата на името „ВМРО“ во имињата на актуелните политички партии во Македонија.
Кога, веќе, ќе се тргне во амнестирање на актуелни насилни и салонски криминалци заради некакви „повисоки национални цели“(?!), тогаш редно е да се престане со продолжено валкање на тие „свети четири букви“ во македонската современа дрн-дрн-историја.
Со тоа, барем, би се ставило точка на постојаното додавање на нови контроверзи на едно и онака противречно национално движење, преполно со добро документирани братоубиства и меѓусебни истребувања и брутални чистки, од пред 125 години до денес. Во прилог на ваквото тврдење го посочувам интегралниот говор, трауматичен и прилично неписмен, на г. Христијан Мицкоски по повод некнешниот роденден на неговата партија во којшто има повеќе (цитирам:) предавства, ножеви, гнев, крварење, плач, болка, пекол, мака, очај, падови, дезертирања, скршени „кичми“ (се мисли на р’бети), зло, криминал и така натаму и на тоа слично, отколку во собраните дела на шпанската Инквизиција.
Доколку не се направи барем тоа, повторно ќе бидеме жртви на уште еден дрзок историски фалсификат низ полноќниот обид на ДПМНЕ, со еден „шверцерски“ потез на исклучување на г. Мијалков (и дружината) од партијата, еуфорично да се прогласи раскинување на партијата со нивното рецентно злосторничко партиско минато!
Сакам да кажам, од тие цедени лимони на ВМРО нема што друго, освен да продолжи да се прави горко-блуткавата ВМРО-лимонада, за партиско освежување и натамошно заглупување на оние кои, и после сè што (им) се случи, би продолжиле да го поддржуваат стилот на МИЦАЛКОВ во водењето на таа несреќна политичка организација.
Дотолку повеќе што сегашното „чуч-пуч“ партиско раководство на ДПМНЕ се обидува чемерот и безнадежието што владее во нивните партиски ходници – по кои, патем, сè уште висат маслените таблоа на визионерски насликаните преполни сали од Кривичниот суд во Скопје – да го прелее во целото општество, за сите да нè турнат во меѓународна изолација и да нè напикаат во нивните тескобни наративи на чистки и предавства.
Навистина не е во ред да се држи цела Македонија во заложништво како гарант за нечија внатрепартиска борба за власт и продолжена неказнивост. Зошто ВМРО да поминува низ овие премрежија на ДПМНЕ? Уште ли треба и на децата кои се сега во осмолетки да им објаснуваме дека помеѓу Христо Батанџиев и Христијан Мицкоски нема историски континуитет, како што помеѓу идеите на Гоце Делчев и идеите на Ѓорге Иванов и Никола Груевски сличноста е единствено во мустаќите… Уууупс, ни во тоа!
Законската забрана за употребата на буквите „ВМРО“ во имињата на модерните македонски политички партии, со тек на време, можеби ќе доведе и до еден друг вид на еманципација на современото македонско општество: да престанеме да лажеме за разно-разни делови од сопствената историја, како прв предуслов за нормализација и „помирување“ на македонската општествена сцена, задушена од лажни митологии и удавена во плитки историски наративи. Бидејќи, кога историјата на ВМРО ќе ја одделиме од историјата на ДПМНЕ (и сите други актуелни „вмровски“ партиски филтрации), историчарите и политичарите ќе можат без дневно-политички притисок да се навратат на реалните подеми и падови на македонската идеја на Балканот.
Ај, сеа?
Извор: Цивил медиа