Предлог законот на ВМРО-ДПМНЕ обезбедува правда за сите, вистинско национално помирување, наместо селективност и поделби во општеството кои ги нуди СДСМ, изјави Драган Данев, координаторот на ВМРО – ДПМНЕ кој објави дека неговата партија го доставила денеска предложениот текст на законот за амнестија за 27 април.
Целта, како што додаде Данев, е национално помирување и враќање на нормалните текови во државата.
-Земајќи ја предвид сложеноста на ситуацијата, законот го предлагаме во скратена постапка, за да дојде до ефективно и ефикасно спроведување на истиот – додаде Данев кој објасни дека со предлог закон за амнестија на лицата осомничени, обвинети и осудени за собраниските настани од 27-ми април, се предвидува и уредува начинот на ослободување од кривично гонење.
Потоа, запирање на поведените постапки и целосно ослободување од издржување на казната затвор, а за кои постои основано сомнение дека сториле кривични дела согласно чл.384 – Учество во толпа што ќе спречи службено лице во вршење на службено дејствие, согласно 386 – Насилство, согласно чл.385 – Учество во толпа што ќе изврши кривично дело и дело согласно чл.313 – Терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедност.
Со овој предлог закон се предвидува и бришење на осудата на лицата осудени заклучно со денот на влегување во сила на овој закон.Предлог законот е поднесен по скратена постапка.
-Очекуваме, пратениците од власта конструктивно да учествуваат во дебатата и да покажат дека не станува збор за лажно ветување за правда и национално помирување кое самите ќе го демантираат неколку дена откако беше споменато. Игор Дурловски, Владо Јовановски, Богдан Илиевски и Борис Дамовски не се терористи! Не се терористи ниту вработените во Министерството за внатрешни работи, ниту останатите лица прогонувани врз основа на случувањата од 27-ми април! Тоа го знаеме ние, тоа го знаете и вие колеги од власта, а тоа го знае и целата македонска јавност. Затоа почитувани од СДСМ, бидете искрени и застанете еднаш зад она што го говорите, а кое е подадена рака и од нас за помирување – рече Данев.
Спроведувањето на законот не предвидува финансиски последици врз Буџетот на Република Македонија или други јавни средства.