ВМРО-ДПМНЕ: Џафери да го прочита Кодексот за пратениците, а Заев да го измете Богоевски

Според опозициската партија, ако Богоевски поднесе оставка ќе докаже дека има намера да остави истрагата против него да се одвива непристрасно и без влијанија.

809

Во опозициската ВМРО-ДПМНЕ се категорични дека Павле Богоевски мора да поднесе оставка од пратеничката функција од морални причини затоа што направил кривично дело, кое јавно си го призна, независно од тоа дали нарачувал кокаин или масло од канабис, а на претседателот на Собранието Талат Џафери му порачуваат да го препрочита Кодексот за пратениците додека чека разрешница за случајот или евентуално барање од судот за одземање на мандатот на огрешениот пратеник.

Во кабинетот на собранискиот претседател, пак, објаснуваат дека написмено не добиле никакво известување од опозициската ВМРО-ДПМНЕ по нивното барање за оставка на пратеникот Павле Богоевски, ниту пак има барање од опозицијата пратеникот, кој е претседател на собраниската Комисија за деловнички и мандатно-имунитетни прашања да не ја води седницата која треба да се одржи во текот на наредната недела, а на која се очекува расправа за одземање на мандатот на осудениот пратеник и поранешен премиер Никола Груевски, кој пред повеќе од половина година побегна во Будимпешта. Тогаш, кога ќе пристигне конкретна иницијатива, велат во кабинетот на собранискиот спикер, претседателот ќе ја разгледа и ќе постапи според своите надлежности.

Според опозициската партија, ако Богоевски поднесе оставка ќе докаже дека има намера да остави истрагата против него да се одвива непристрасно и без влијанија, откако на руска социјална мрежа извесен Илија Громовник тврдеше дека во аудио снимка што тој ја постирал, пратеникот нарачува кокаин. Кога снимката се појави во јавноста, Богоевски обелодени дека нарачувал масло од канабис за болен член на неговото семејство. Во потрага по Илија Громовник од вчера е и македонската полиција.

– Будно го следиме случајот со пратеникот Павле Богоевски кој имаше јавно признание кое е предмет на истрага, а институциите имаат доволно материјал за да постапуваат по неговиот исказ. Ќе видиме како ќе постапат и тогаш ќе донесеме одлука како ќе настапиме на седницата на Комисијата за мандатно-имунитетни прашања која сѐ уште не е закажана – вели Никола Мицевски, координатор на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ.

Тој објаснува дека во Кодексот за пратеници, кој е дел од дијалогот на власта и опозицијата во рамки на процесот Жан Моне, јасно е пропишано како пратениците со своето однесување може да го повредат достоинството и угледот на законодавниот дом, така што ако сака претседателот на парламентот Талат Џафери може многу едноставно да се погрижи за да се испочитува Кодексот, и без да чека какво било писмено барање за пратеникот Богоевски.

Во случајов, истакнува Мицевски, е многу важна и етичката димензија на проблемот како и угледот на Собранието, за кој се одговорни самите пратеници.

Павле Богоевски, според пратеничката Дафина Стојановска од ВМРО-ДПМНЕ, веќе нема кредибилитет да ги претставува граѓаните во законодавниот дом.

– Постојат сериозни сомненија дека конзумира наркотици и можно е одлуките кои ги носи да се под влијание на недозволени супстанци. Павле Богоевски со своето однесување сериозно го нарушува и кредибилитетот на Собранието. Тој призна дека извршил кривично дело, купувајќи недозволени супстанци. На снимка која излезе на интернет се слуша Богоевски, кој како што пишуваат медиумите нарачува половина грам кокаин. Дали набавувал кокаин или нешто друго, не ја менува суштината. Богоевски извршил кривично дело и беше откриен преку свиркач – вели Стојановска.

Пратеникот и портпарол на СДСМ Коста Костадинов вчера побара случајот со незаконското снимање, но и емитување на снимката која предизвика бурни реакции да го расветлат надлежните институции, а оставката на Богоевски како морален чин, вели дека е одговорност на самиот пратеник.

– Очекуваме сите надлежни и засегнати институции да постапат и да го разрешат случајот, особено и околу неовластеното снимање и емитување. Што се однесува до моралните аспекти, тие се на личната совест и одговорност на секој пратеник. Законите важат за сите подеднакво – порача Костадинов.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...