ВМРО-ДПМНЕ ќе чека Катица Јанева да падне, па да крене два прста за СЈО

789

Ќе ја жртува ли власта Катица Јанева, специјалната обвинителка во замена за поддршка од опозицијата за реформските закони, е прашање кое се наметнува по вчерашната средба Заев – Мицкоски.

Иако двајцата лидери сакаа да остават впечаток дека лидерската средба ќе придонесе за релаксирање на напнатоста на политичката сцена, сепак останува длабокиот јаз меѓу власта која сака да го продолжи мандатот на обвинителката Катица Јанева, а потоа СЈО да го инкорпорира во јавното обвинителство и опозицијата, според која, пак, е незамисливо Јанева и нејзините соработници, за кои велат дека, ја злоупотребиле довербата од граѓаните, да добијат поддршка од ВМРО-ДПМНЕ.

Премиерот Зоран Заев по средбата изрази поддршка за работата на специјалната јавна обвинителка Катица Јанева и на нејзиниот тим и повтори дека, според новиот закон за обвинителството е предвидено продолжување на мандатот на Јанева за половина година. Но, од друга страна страна, додека премиерот вели дека СЈО ќе опстои, изразува и уверување дека новиот законот за јавно обвинитество ќе биде донесен со консензус.

Значи ли тоа, дека Јанева сепак ќе биде жртвеното јагне?

По лидерска средба станува јасно дека теренот до консензус треба да го испеглаат работни групи од власта и опозицијата до крајот на овој месец, со оглед на тоа што на почетокот на април парламентот ќе ги затвори вратите поради кампањата за претседателските избори, но нејасно е како во наредниве две недели ќе биде постигнат консензус за прашање кое е камен на сопнување уште од првата истрага на СЈО.

– Ако Заев решил да направи отстапки во однос на Специјалното обвинителство и ако ги задоволи барањата на опозицијата во делот на смена на тимот на Јанева, можен е договор и консензус, ако веќе не бил постигнат на лидерската средба. Впечатокот е дека Заев и Мицкоски веќе се договорија, зошто инаку би денгубеле да детализираат преку работни групи. Работата е јасна – на Заев му треба поддршка и консензус за реформските закони, меѓу кои е и последниот владин предог од обвинителската сфера, а на Мицкоски му треба јавен обвинител со розов диоптер. Не гледам причина да не се договорат, а на крајот двајцата да одглумат дека сѐ ќе направат за напредокот на земјата – едниот за Северна Македонија, другиот за Република Македонија – коментира добро упатен партиски извор.

Во опозициската партија, сепак, велат дека синоќа не бил постигнат договор за Специјалното јавно обвинителство помеѓу Заев и Мицкоски и упатуваат на изјавата на нивниот лидер, во која тој рече дека овој состав на СЈО не смее да ја добие довербата, но оти ВМРО-ДПМНЕ стои на располагање заедно со власта да работи на решение за СЈО кое ќе биде во интерес на државата.

– Овој специјален јавен обвинител заедно со нејзиниот тим, не може и не смее да ја добие довербата бидејќи не само што не ја оправдаа довербата од граѓаните кога беа формирани, туку напротив, во многу наврати, истата таа доверба ја злоупотребија. Лично мислам дека и како човек и како професионалец не треба да ја добие таа доверба од политичките партии, но и јавноста во Република Македонија. Да, сме за отворање на разговори и преговори на партиско ниво помеѓу опозицијата и владејачкото мнозинство околу содржината на законот. Да, сме да отпочнеме еден таков дијалог. Се договоривме од утрешниот ден, па натаму да ги формираме тие работни групи да почнат една дебата, да го прошириме и опфатот, да отвориме и теми кои што политички беа затворани во минатото – рече Мицкоски вчера по средбата.

Како што можеше да се слушне од изјавата на двајцата лидери, вчера не станало збор за барањето на опозицијата за предвремени параментарни избори, но разговарале за претседателските избори за кои премиерот Заев вети дека ќе бидат „кристално чисти“ и дека победата ќе ја однесе заедничкиот кандидат на коалицијата на власт Стево Пендаровски. Мицкоски рече дека нема гаранција дека процесот ќе биде фер и демократски поради што и ја иницирале лидерската средба, а дека победник ќе биде професорката Гордана Силјановска Давкова, која доби поддршка од ВМРО – ДПМНЕ.

Според изјавите на двајцата лидери, на средбата била договорена и оперативна комуникација меѓу изборните штабови на кандидатите за претседател на владејачката коалиција и на ВМРО-ДПМНЕ. Мицкоски изрази надеж дека ќе им се придружи и штабот на Блерим Река.

На прашањето за каква соработка на оперативно ниво на изборните штабови на Пендаровски и на професорката Гордана Силјановска Давкова, станува збор, во ВМРО-ДПМНЕ ни обаснија дека во прашање е техничка соработка за да се избегнат немили настани на гласачките места, а во контекст на заложбите за фер и демократски избори.

 

 

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...