По серијата пропусти, министерот за здравство Венко Филипче го загрозува здравјето на граѓаните, па затоа ВМРО-ДПМНЕ ќе поднесе кривична пријава до надлежното Јавно обвинителство за загрозување на здравјето на граѓаните, рече Дафина Стојаноска, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ, на денешната прес-конференција.
– Доцната реакција на надлежните институции резултираше со голем број на лица кои се во изолација. Меѓу нив се и лекари. Мерките со кои секојдневно се фалеше Филипче на прес-конференции се покажа дека се фарса и дека се спроведуваат половично. Прво, нема соодветна контрола на граничните премини и на двата аеродрома за рано предупредување за заболени од коронавирусот. Ако имаше, тогаш немаше вирусот да се шири секојдневно и тоа од луѓе кои допатувале од кризните држави зафатени со епидемија на корона вирусот. Второ, недозволиво е што директорката на Клиниката за дерматологија се однесувала неодговорно. По откривањето на постоењето на вирусот, според наши сознанија, направен е обид за премолчување на вистината и притисок да не се дознае во јавноста, што е навистина скандалозно – рече Стојаноска.
Таа истакна дека партијата ќе поднесе кривична пријава до Јавното обвинителство поради загрозување на здравјето на граѓаните, а како што рече, потребна е одговорност и поднесување оставки.
– Владата заедно со стручните колеги од министерството да ги преземе следните мерки кои ги бараме: Прво, распуст за децата од предучилишна и училишна возраст. Второ, строго евидентирање на сите лица кои влегуваат во државава од кризни зони со коронавирус. Трето, контрола и ограничување на прегледите и интервенциите кои не се со итност со цел да се растерети терциерното здравство и да биде подготвено да одговори на ситуацијата како и да се заштитат пациентите и медицинските лица. И четврто, надлежните институции, Центарот за управување со кризи, Државниот здравствен санитарен инспекторат, Комисијата за заразни болести да ги спроведуваат доследно своите надлежности и јавно да претстават акциски планови за делување – рече Стојаноска.