Новиот закон за СЈО очекувањата се дека ВМРО -ДПМНЕ ќе го подготви до 20 јули, по што тој ќе биде доставен до Министерството за правда. Идејата на партијата на Христијан Мицкоски е од двете законски решенија, тоа на Министерството за правда и на ВМРО-ДПМНЕ да произлезе закон зад кој ќе застанат власта и опозицијата, велат за Плусинфо од ВМРО-ДПМНЕ.
Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека решиле да понудат нов закон за СЈО, откако не поминале нивните амандмани во преговорите на работната група на власта и опозицијата.
Од опозициската партија велат дека се формирани три работни групи кои ќе работат на новиот закон.
Првата група ќе работи на законите од обвинителството, втората од сферата на судството, додека третата група ќе консултира експерти, професори по право, адвокати, поранешни судии.
– Откако ќе го подготвиме законот, ќе го доставиме до Министерството за правда. Намерата е да се компарираат законот кој е усогласен помеѓу СДСМ и ДУИ, со нашиот предлог за да дојдеме до законско решение кое ќе биде поддржано и од власта и од опозицијата – вели функционер од ВМРО-ДПМНЕ.
Од опозициската партија не сакаат да ја коментираат изјавата на министерката за правда Рената Дескоска дека со нетрпени го чекаат текстот од ВМРО-ДПМНЕ, особено делот дека ако има скриена амнестија, законот нема да биде прифатен.
– Не би ја коментирале изјавата на Дескоскса. Но потсетувам на ставот на професорот Гордан Калајџиев даден неодамна. Тој рече дека новиот закон за Јавно обвинителство не може да го реши проблемот со запрените истраги, односно обвиненијата покренати 18 месеци по преземањето на бомбите. Тој посочи дека законот не може наназад да уреди дали некои истраги треба да продолжат, бидејќи ако некои истраги требало да запрат, не може некој закон потоа да ги продолжи – вели функционерот од ВМРО-ДПМНЕ.
Тој потсети и дека законот кој е усогласен помеѓу СДСМ и ДУИ има „лоши“ решенија и дека поради тоа министерката го одбила нивното барање текстот на законот прво да се прати до Венецијанската комисија, и по мислењето на Комисијата законот да се усогласи.
Последниот рок за донесување на законот кој се однесува и на СЈО што си го постави власта е септември.
.