Тешко ќе оди усогласувањето помеѓу власта и опозицијата за изборот на новиот јавен обвинител за гонење на организиран криминал и висока корупција кој треба да седне во фотелјата на Катица Јанева, барем ако се суди по брифинзите на ВМРО-ДПМНЕ. Партијата на Христијан Мицкоски освен што експресно го отфрли предлогот на премиерот Зоран Заев шеф на новото обвинителство да биде актуелната обвинителка за гонење на организиран криминал и корупција, Вилма Русковска, ќе бара прво да се избере нов Совет на јавни обвинители, кој потоа со тајно гласање ќе го избере новиот обвинител.
ВМРО-ДПМНЕ одбива да лицитира кои обвинители се прифатливи за нив и коментираат дека тие се за системско решение.
– Нашиот предлог е прво да се избере нов Совет на јавни обвинители, па потоа Советот на непосредни, внатрешни и тајни избори спроведени во обвинителствата на целата територија да избере нов јавен обвинител. Само така ќе има независен јавен обвинител кој ќе ја има поддршката од сите – брифира висок функционер на ВМРО-ДПМНЕ.
Според него, не може актуелниот Совет на јавни обвиители да го избире новиот обвинител, бидејќи како што вели, тој е под целосна контрола на премиерот Заев и изборот на новиот обвинител би бил фарса.
Од ВМРО-ДПМНЕ повторија дека се против Русковска, бидејќи како што велат, таа два месеци ја пардонизира Катица Јанева, односно наместо да поведе истрага за Јанева во случајот „Рекет“ таа и дава време да се сокрие.
За новиот закон за јавното обвинителство, од ВМРО-ДПМНЕ велат дека очекуваат Министерството за правда да го менаџира процесот, но оти досега не закажале средба и заклучуваат дека Министерството сака на сила да го истурка најновото решение без да ја вклучи опозицијата.
Од Правда истакнаа дека најновото решение за законот за јавното обвинителство ќе го туркаат во Собранието. Од таму очекуваат своите ставови пратениците да ги кажат во парламентот, а ако имаат забелешки да поднесат амандмани.
Од ВМРО-ДПМНЕ не сакаат да откријат дали ако законот се усогласува во Собранието тоа ќе значи дека нивните забелешки ќе ги испорачаат преку амандмани.
Од ДУИ сметаат дека партиите не треба да се мешаат при изборот на шефот на новото Обвинителство.
– Не е работа на Владата или на Собранието да назначуваат шеф на новото Обвинителство за гонење на организиран криминал и висока корупција – рече пратеникот од ДУИ, Артан Груби, коментирајќи ја изјавата на премиерот Заев, преку која предложи прв човек на новото обвинителство да биде обвинителката Вилма Рускоска.
Според Груби, тоа било направено пред четири години и се гледа како заврши.
Заев кога го презентираше новиот Предлог-закон посочи оти тие предлагаат по спојувањето на СЈО со Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција, актуелната шефица Вилма Русковска да остане на чело додека ѝ заврши мандатот. Таа или кој и да биде следен шеф, Владата предлага, да го избира Советот на јавни обвинители со двотретинско мнозинство за да се избегне политичко влијание.
Со условена поддршка за новото законско решение излезез и Алијансата на Албанците.
– Ние сме исправени пред тоа да не гласаме за предложенито решение и да немаме никаков закон во услови кога поминуваат роковите од стариот закон или да гласаме за решение кое ги амнестира криминалците затоа што прислушуваните разговори понатаму нема да се змаат како докази. Ќе интервенираме со амандмани најмалку во три делови на предлог-законот и од тоа дали ќе бидат прифатени или не ќе зависи и како ќе гласаме – вели Зијадин Села.