ВМРО-ДПМНЕ ја предизвика Шекеринска со „контра-закон“ за одбрана

Опозицијата поднесе нов предлог- закон за одбрана, кој е ист со тој што го предлага владата, но без членот со кој се предвидува менување на името на Армијата, односно нејзино преименување во Армија на Северна Македонија

860
Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ поднела денеска нов закон за одбрана, додека на дневен ред на тековната собраниска сдедница е речиси идентичен закон, предложен од владата, со кој функционирањето на домашниот одбранбен систем се прилагодува кон стандардите на НАТО.
Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Емил Димитриев изјави дека новиот предлог е ист со тој што го предлага владата, но без членот со кој се предвидува менување на името на Армијата, односно нејзино преименување во Армија на Северна Македонија. Димитрев рече дека опозицијата барала да се повлече тој член, односно дека без него ВМРО-ДПМНЕ би гласала се што значи усогласување со НАТО процедури и стандарди.
– Ние не ја игнорираме реалноста, ама како опозиција сакаме таа реалност да ја промениме –  рече Димитриев, посочувајќи дека ВМРО-ДПМНЕ, ако ја добие довербата на претстојните избори, ќе се обиде да  ги смени работите.
За донесување на Законот за одбрана е потребно двотретинско мнозинство, така што министерката за одбрана Радмила Шекеринска во неколку наврати упати повик до ВМРО-ДПМНЕ да даде поддршка и преку политички консензус да се демонстрира единство во однос на членството на земјата во НАТО.
Од ВМРО-ДПМНЕ очекуваат законот за одбрана што го поднесе владата да биде симнат од дневен ред на тековната собраниска седница, а дневниот ред на новата седница, што почнува в понеделник, да биде дополнет со предлогот што го поднесоа опозициските пратеници. Опозициските пратеници велат дека, со оглед на тоа што владиниот закон ги поминал сите процедури, новиот предлог на ВМРО-ДПМНЕ е поднесен по скратена постапка, така што целата работа околу неговото донесување може да заврши за два до три дена. Во спротивно, ВМРО-ДПМНЕ ќе се воздржи од гласање за владиниот предлог-закон, така што владејачкото мнозинство ќе треба да ги обезбеди потребните 80 гласови по „заобиколен пат“, веројатно со поддршка од независните пратеници.

Координаторот на пратеничката група на СДСМ Јован Митровски ги обвини пратениците од ВМРО-ДПМНЕ дека го блокираат носењето на законот за одбрана. Според Митровски, ВМРО-ДПМНЕ продолжува со деструктивните политики кои се на штета на граѓаните.

– Со своето однесување ВМРО-ДПМНЕ го крши Уставот, го става под ризик нашето членство во НАТО и создава простор да испровоцира ново вето од Грција – обвини Митровски.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...