Секојдневно сме сведоци како членови на кумановската група и нивни поддржувачи испраќаат пораки со кои бараат крв и одмазда кон сите политички неистомисленици на Зоран Заев, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.
– Заканите на Кумановската група на која Заев и ветуваше амнестија и меѓународна истрага не престануваат, а власта молчи. Зоран Заев неговите соработници кои се одговорни за безбедноста на државата не превземаат ништо. Ова отвора сериозен сомнеж дека зачестените закани не се случајни и не се без поддршка од структури од власта. Очигледно е дека власта нема намера да преземе ништо против оние кои се закануваат – смета опозицијата.
ВМРО-ДПМНЕ прашува дали е тоа поради поддршката која им ја ветувал премиерот Зоран Заев во врска со настаните во Диво Насеље. Под закана се, велат од ВМРО-ДПМНЕ, животите на сите политички неистомисленици на аболицираниот Зоран Заев и неговиот криминален картел на власт.
– Обидот за линч на поранешните министри Спиро Ристовски и Миле Јанакиески е само еден од низата скандалозни чинови кои го потврдуваат тоа. Власта знае во раните утрински часови да провалува во домови и да приведува недолжни граѓани кои пишале статус во кој го критикуваат Зоран Заев, а сега нема ниту изјава за тоа кој ги испраќа заканите. Нема ниту истрага за мотивите а ниту се превзема нешто за да се спречат намерите на оваа т.н. Кумановска група која се заканува за одземање на човечки животи – се вели во соопштението.
ВМРО-ДПМНЕ бара судот да ги преиспита одлуките за притвор на Спиро Ристовски, Владимир Атанасовски, Христијан Делев и сите други политички неистомисленици кои што, како што велат, се жртва на прогонот на оваа власт.
Исто така, од ВМРО-ДПМНЕ, бараат МВР веднаш да ги открие и санкционира лицата кои се закануваат.