ВМРО-ДПМНЕ Фракција: Мицкоски ќе ти ја чуваме партиската фотелја, бојкотирај

1220

Сметаме дека е крајно дегутантно, изнасилено да се наметнува победничка еуфорија во услови кога партијата има освоено најмал број гласови од 2008 година па се до денес. Овој број на освоени гласови (319.224) е помал дури од бројот на освоени гласови на минатите локалните избори (335.034) кога партијата катастрофално изгуби, а шеф на Изборниот штаб беше токму Христијан Мицковски, велат од Демократската Фракција на ВМРО ДПМНЕ во отвореното писмо до членството на ВМРО-ДПМНЕ.

– Дури и прецизната ,,мицкова математика” не може да ги оправда и да ги надомести помалку освоените 130.000 гласа во однос на претходниот резултат на Иванов (449.442 гласа во прв круг). Сакаме да потсетиме дека токму Мицковски е тој кој ветуваше победа со освоени повеќе од 450.000 гласа со соросовиот претседателски кандидат, за жал во минатото лесно достижен, а сега само посакуван број на гласови. Затоа за нас оваа вештачка победничка еуфорија која по наредба ја глумат стотина партиски лица не може да ја намали одговорноста за неуспехот на овие избори, ниту пак да ги покрие лошите и штетни досега водени калкулантски политики на наметнатото грујовистичко раководство, стои во писмото.

Фракционерите бараат одговорност од Мицкоски за како што велат, свесно и намерно сторените грешки во корист на политичкиот противник, а на штета на државата и партијата.

– Но, поради чесната и искрена желба да се спаси понатамошната деградација и обезличување на партијата и државата како и да се сопре опасноста од апсолутната власт на СДСМ и ДУИ, Демократска фракција јавно му нуди на Мицкоски гаранција за неговата партиска позиција и фотеља во замена за повик на бојкот на вториот круг на изборите. Со повикот на бојкот Мицковски има шанса од некредибилен и неавторитетен шеф на опозицијата да стане вистински опозиционен лидер, да ја обедини партијата и да ја реализира својата премиерска амбиција.

Сега е вистински и последен момент со повик за бојкот на вториот круг од изборите, ВМРО ДПМНЕ да издејствува нови претседателски и вонредни парламентарни избори со цел на нив убедливо да се победи како и да се спречи се поголемата уцена од партиите на еден дел од етничките заедници во државата. Новите претседателски и парламентарни избори се последна шанса партијата да се врати на патот на пристојноста, патриотизмот и достоинството потпрени на вредносен компас препознатлив по личната чест и посветеност кон татковината и нацијата, кои ги обединуваат мислата, зборот и делото, а не личните и егоистични или туѓите намери и интереси, пишува во писмото.

 

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...