Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ синоќа оценил дека договорот на премиерите на Македонија и Грција, Зоран Заев и Алексис Ципрас е исклучително штетен и е спротивен на државните и националните интереси на Република Македонија.
-Договорот сам по себе ги одразува грчките максималистички барања. Ваквиот договор предвидува уставни измени кои ќе имаат несогледливи последици по идентитетот на државата и народот. Загрозен е идентитетот, кој сега има пошироко толкување, односно наместо Македонци, или македонско, како што е сега, ќе има дообјаснување дека тоа се однесува на новото име на кое Заев се согласил, односно Република Северна Македонија – изјaви портпаролот на партијата Димче Арсовски.
Тој најави дека ВМРО-ДПМНЕ ќе ги искористи сите демократски методи овој „приватен капитулантски договор на Заев да се спречи“.
ВМРО ДПМНЕ утре во 13.30 часот ќе организира протестен марш во Битола против договорот за решавање на спорот за името.