Спасовски веќе два месеци на позицијата началник на СВР Штип го држи Љупчо Трајковски, против кого според нашите информации е поднесена кривична пријава за криумчарење на мигранти, обвини Орце Ѓорѓиевски од ВМРО-ДПМНЕ. МВР експресно демантира дека началникот е суспендиран.
– Против Трајковски надлежниот суд има изреченомерка на претпазливост – одземање на патна исправа. Трајковски, иако осомничен за сериозно крвично дело, против човечноста и меѓународното право, за кое според ст. 5 од чл. 418-б, бидејќи истиот е службено лице му се заканува казна затвор од најмалку десет години, сеуште ја извршува функцијата началник – рече Ѓорѓиевски.
МВР најостро ги демантира, како што вели, лагите и дезинформациите што на денешната прес-конференција ги искажа политичката партија ВМРО-ДПМНЕ, а во врска со статусот на полицискиот службеник Љ.Т., кој токму од МВР, односно во истрагата на Националната единица за сузбивање на криумчарење мигранти и трговија со луѓе при Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал во содејство со Обвинителството за организиран криминал и корупција е осомничен за сторено кривично дело.
– По добиено писмено одобрение од надлежното Обвинителството, Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди, поведе постапка за утврдување на дисциплинска одговорност и наложи истиот да биде суспендиран до завршување на дисциплинската постапка. Љ.Т не извршува работни задачи поради користење боледување, а во моментот вршител на должност- раководител на СВР Штип е помошник началникот кој работните задачи ги извршува согласно законот. Веднаш штом ќе биде затворено боледувањето, односно Љ.Т ќе се појави во просториите на СВР Штип, решението за времено отстранување од работа односно суспензија, како што налагаат законските прописи, ќе му биде врачено. Значи, ова е само уште една во низата невистини што ги шири оваа политичка партија- велат од МВР.