Основна карактеристика на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ која, во 27-годишната историја на независна и самостојна Македонија, беше полни 15 години на власт е – нејзината дволикост. Се користи, за таа дволикост, во една учена книга на Жилбер Диран од 1960, напишана во духот на структуралната антропологија, името – скизоморфија. Дволикоста има органска врска со тоа што писателот-филозоф Кица Колбе го вика скизофренија во практиката на единка, мала или огрома група единки – политичка партија.
Во зависност од околностите, едниот од тие два лика се повлекува во сенка и тој му заповеда на оној видлив лик што и како да прави. Тоа значи дека станал нешто како строга и деспотска душа која се крие зад блага и милолика, привлечна демократска фасада. Тоа повлекување му беше туѓо на Гоце Делчев кој отворено велеше: „Ако тиранијата е насилство, револуцијата е насилство врз насилството“. При овој повод, го тргам настрана прашањето зошто сегашното ВМРО го крие својот револуционер со „Р“ или „р“.
Едниот од тие два лика е благ, дијалошки и демократски. Тој лик потекнува од детерминантата „демократска“ која се дава во вториот дел од кратенката ДПМНЕ. Другиот е строг, монолошки и деспотски. Потекнува од детерминанта „револуционерна“ која се дава во првиот дел од кратенката ВМРО. Тоа значи дека односот меѓу тие два лика е во постојана тензија. Таа води до конфликт, а пак тој до борба до истребување која само што не почнала. Така е затоа што благоста и строгоста се поларитети. Тие се борат за превласт. Нема строгост кога победува поларитетот благост. Нема монолог кога победува дијалогот. Нема демократија кога победува деспотизмот.
Добро помага да се објасни таа постојана тензија со која живее, во која живее и од која добро живее национал-птриотското ВМРО-ДПМНЕ еден детаљ од политичката реторика на екс-премиерот Никола Грувски со кој долго време се мајтапеше нашата јавност.
Станува збор за мешањето на Хипократ, татко на медицината, со „хипокрит“ од hipokrizis: дволичност, подлост. Ако ја исклучиме можноста за скромно образование кое довело до замена на името на таткото на медицината Хипократ со „хипокрит“, тогаш останува да се мисли дека е во прашање обичен гаф – lapsus според јазикот на длабинската психологија кој има свој мотив. Мотивот е глас на тоа што се крие, што било потиснато и цензурирано и, во даден момент, успева да избие на површина, односно да стане видливо. А што било потиснато во длабока сенка? Потиснат бил оној „револуционер“ на ВМРО од ликот „демократ“ на ДПМНЕ.
Ако една „револуционерна“ политичка партија не може да биде, во иста мера и во исто време „демократска“ затоа што едното го исклучува другото, како што монологот исклучува дијалог, како што благоста исклучува строгост, тогаш ВМРО-ДПМНЕ не е, од основањето па до ден-денешен, ни револуционерна ни демократска партија, иако сака да биде и револуционерна и демократска. Тоа не значи дека, во погодни околности, не доаѓа до израз нејзиниот „револуционерен“, а во други, кога ќе процени дека и помагаат да дојде или да се одржи на власт, не доаѓа до израз нејзиниот демократски лик.
Еден од последните примери во кои дојде до израз револуционерот од ВМРО беше оној од образувањето влада на Зоран Заев кое се одолжи на цели пет месеци. Тој ВМРО-револуционер се послужи тогаш со сила за да го спречи образувањето на таа влада. Според сведоштвото на еден од 27-те обвинети за тој теророристички чин (сега им се суди за „загрозување на уставниот поредок на државата“), тој се нашол меѓу оние што упаднаа во Парламентот по налог на партијата. Како долгогодишен член на ВМРО-ДПМНЕ, тој добил директива од врвот затоа што таа партија функционирала „како војска.“ А во една војска, како и во секоја, има штаб кој командува и војници кои слушаат команди.
Добар пример за тоа кога дојде до израз демократскиот лик на ВМРО-ДПМНЕ е тајниот Мајски договор меѓу Груевски како премиер и Али Ахмети, водчот на ДУИ, тогаш во коалиција со Груевски. Според тој таен договор кој дојде до јавноста благодарение на Викиликс, Груевски му направил некои крупни, демократски отстапки за употреба на албанскиот јазик во јавниот живот. Ама и со еден, единствен и важен услов. Условот бил: никако да не дојдат до јавноста тие отстапки. Зашто? Затоа што би го натоварил на врат оној револуционер од ВМРО кој го заколнал пред кама и пиштол. Како Ќосето на Делчев (го заклал сопствениот брат), тој револуционер-фанатик би се фатил за својата кама во име на каузата. Таа бара казна за оној што им го продал македонскиот јазик на „клетите Шиптари.“ И не само тоа. Тие демократски отстапки се направени не затоа што тогашниот премиер и водач на ВМРО-ДПМНЕ е некој демократ по вокација, туку затоа што добро му помагаат да се одржи на власт.
Што ни кажуваат тие два примера? Во прв ред дека револуционерот од ВМРО не поднесува некој демократ од ДПМНЕ, а пак демократот мора да го крие оној револуционер од ВМРО како во времето на Делчев. Не знам колку е свесна за тоа двојство и дволикост елитата на ВМРО-ДПМНЕ. Ама сигурно знам дека нејзиниот опстанокот зависи од тоа што ќе избере: демократија или револуција? Сила како душа на револуцијата, или толеранција како душа на демократијата? Тој избор веќе тропа на тешката порта од нејзината бела палата.