Формалното бришење на Никола Груевски од функцијата почесен претседател на ВМРО-ДПМНЕ, последната која му остана по губењето на власта и по напуштањето на кормилото на партијата, неспорно е оградување на актуелното раководство на чело со Христијан Мицкоски од ликот и од (зло)делата на некогашниот лидер. Без оглед што некој тоа не сака така да го прикаже.
Партијата тоа ќе го официјализира со елегантна и реформска одлука за укинување на функцијата почесен претседател, но ќе остане забележано дека првиот кому ќе му престане таа функција ќе биде токму Груевски. Само наивните можат да се залажуваат дека тоа е случајно. Оние другите забележуваат дека Мицкоски настојчиво избегнува било какви контакти со поранешниот лидер. Тоа, се разбира, нема да ги стивне обвинувањата кои доаѓаат од пропагандата на власта, дека новиот лидер наводно дејствува под команда на стариот, но внимателните аналитичари бараат докази или барем посериозни индиции дека е тоа така – а такви, сепак, нема.
Се сеќавам, пред посетата на Мицкоски на Унгарија, по телефон го прашав дали има вистина во шпекулациите дека е со намера да се сретне со Груевски. Мицкоски ми возврати: „Ќе ви одговарам на ист начин како што им одговарам на странските дипломати – ако некој ме забележи, а тие секако имаат начин да ме забележат, во близина на Груевски во периметар од 5 километри, веднаш ќе поднесам оставка во партијата и ќе се откажам од политиката“.
Се извинувам поради оваа мала индискреција, но сакам да го илустрирам односот на Мицкоски кон Груевски. Од новиот, веќе консолидиран лидер на партијата, не треба да се очекува на јавната сцена да демонстрира ритуално самокамшикување, за така „магично“ да се ослободи и себеси, но да ја ослободи и партијата, од „проклетството“ на груевизмот. Умните политичари со минатото не раскрстуваат без респект, дрско и насилно, оставајќи порака дека таквата грда пракса ќе се перпетуира и во иднината. Наместо тоа, од Мицкоски може и треба да се очекува, па и да се врши притисок, да ја реформира ВМРО-ДПМНЕ, на повеќе начини.
Еден од тие начини е кадровска обнова и освежување на врвот на партијата. Во ова време на политичка апатија, кога малку луѓе одлучуваат да им пристапат на партиите, не е лесно тоа да се постигне. Но, раководството на ВМРО-ДПМНЕ сепак ги направи првите чекори во таа насока. Коментарите се вакви и онакви, но факт е дека тие чекори не поминаа незабележано.
Друг, исто толку важен реформски потег, е редефинирање на партиската агенда и во тие рамки, подготовка на една нова, атрактивна програма за настап на следните парламентарни избори. Слушам дека сериозно се работи на тој план. Мицкоски ќе мора елегантно да ја затвори темата за Преспанскиот договор – веројатно на начин како што тоа го стори претседателскиот кандидат на оваа партија Гордана Силјановски, препознавајќи го Преспанскиот договор како „правен факт“ што мора да се почитува – а потоа да се насочи кон темите кои ќе доминираат на следните парламентарни избори. Тој и ги набележа во последниот јавен настап: криминалот и корупцијата, економските проблеми, стандардот, иселувањето, образованието, здравството…
Меѓународната заедница очекува реформи во водечката опозициска партија. Една од причините е и тоа што на годинешниве претседателски избори ВМРО-ДПМНЕ освои повеќе гласови од владејачките социјалдемократи. Имам впечаток дека Мицкоски ја чита таа порака и дека ќе испорача соодветен одговор, за да ја зацврсти позицијата на ВМРО-ДПМНЕ и во меѓународните кругови (посебно во клубот на европските сестрински партии), позиција што Груевски речиси комплетно ја урниса.
И сетоа тоа, ако биде, бездруго ќе биде добро и за Македонија. Спротивно на повиците за смрт на ВМРО-ДПМНЕ, односно за нејзино исчезнување од политичката сцена, како финално решение (Die Endlösung) – најслатката фантазија на некои психотични пера на провладината пропаганда – тоа едноставно нема да се случи. Напротив, тенденцијата во иднина ќе биде политичките конкуренти веќе на следните избори да се соочат со помала омраза и жестина, во помалку конфликтна и повеќе плурална политичка атмосфера, а во секој случај со членството на НАТО и со преговорите за ЕУ како завршени „поглавја“ во нашите глави, како окончани етапи после кои нема враќање назад.
А што ќе се случува со Никола Груевски? Па, ништо посебно… Додека може, Никола ќе ужива во својата самотија во Будимпешта, опкружен со инспиративните ликови на своите бодигарди и старлети што ги среќава по приеми. Се надевам дека тоа го исполнува. Тоа и парите, чие враќање требаше да се чита на фамозниот бројчаник на Заев. И секако, на Никола никој нема да може да му го одземе правото на својата нација да ѝ се обраќа со долги фермани преку Фејсбук. Признавам, повеќето од нив се забавно четиво, нешто како политикин забавник за грујоносталгичари…