Зоран Заев и Оливер Спасовски или го кршат Уставот и законите набавувајќи бланко обрасци за патни исправи со променето име Северна Македонија или прават криминална зделка во која што набавуваат огромна количина обрасци со името Република Македонија, а за десетина дена планираат да го сменат уставното име, реагираат од ВМРО-ДПМНЕ за тоа дека МВР набабило бланко обрасци за пасоши пред промена на името.
– Според информациите кои ги објавија медиумите околу 240.000 бланко обрасци за пасоши чекаат на царина на само неколку дена пред гласањето на уставните промени во Собранието. Власта која најави гласање на уставните измени до 15 јануари набавила околу 240.000 бланко обрасци. Дали овие обрасци се со името Република Македонија или со името кое Заев и Ципрас го договорија? Доколку обрасците се со името Република Македонија, а власта го промени името на државата во Собрание тогаш тие 240.000 обрасци вредни милиони евра ќе бидат неупотребливи и ќе треба да се уништат, а парите дадени за нивна набавка ќе бидат директна штета за државата. Во вториот случај доколку обрасците за пасоши се со името Северна Македонија, што ќе се случи доколку името не помине во Собрание, дали повторно истите се неупотребливи и ќе треба да се уништат – рече Орце Ѓорѓиевски од ВМРО-ДПМНЕ.
Од МВР, пак, ги демантира тврдењата на ВМРО-ДПМНЕ дека има неправилности при набавката на бланко обрасци за патните исправи и велат дека станува збор за редовна испорака на патни и лични исправи за граѓаните со цел да се обезбеди нивно непречено издавање.
– Вистината е дека Министерството за внатрешни работи ги презема сите неопходни мерки за да се обезбеди непречено издавање на патни исправи на граѓаните, а политичката партија ВМРО-ДПМНЕ, како и многу пати до сега, ја лаже јавноста во обид да добие некакви политички поени – соопшти МВР.
Во соопштението се посочува дека во тек е испорака на бланко обрасци за патни исправи и таа е во согласност со Анексот на Договорот за изработка на патни исправи и лични документи склучен во 2017 година, каде е утврдена количината на обрасци што треба да бидат испорачани за 2018 и 2019 година.
– Станува збор за редовна испорака, вообичаена како и секогаш до сега, со цел да се обезбеди навремена испорака на патни и лични исправи за граѓаните. МВР има задача да обезбеди патни исправи за граѓаните и постапува токму според своите надлежности. Согласно законските процедури, доколку бидат изгласани уставните измени во периодот што следува, потребен е временски период за менување на процедурите и законските промени, како и за стапување во сила на измените. Во меѓувреме, патни исправи мора да се издаваат непречено, односно да се одговори на барањата на граѓаните – потенцираат од МВР.
Количината на пристигнати обрасци, посочуваат, е соодветна на предвидената динамика на потрошувачката од претходните години и е во согласност со преземените договорни обврски.
Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.
loading...