Основното јавно обвинителство (ОЈО) вели дека ги следи сите наводи и написи поврзани со обвинувањата на опозициската ВМРО-ДПМНЕ за бизнис зделките на роднини блиски до премиерот Зоран Заев и очекува ако има докази да ги достави до Обвинителството, кое откако ќе ги разгеда, ќе одлучи дали ќе отвори истрага.
На прашање дали јавниот обвинител ќе реагира по допрен глас, во Обвинителството објаснуваат дека согласно Законот за кривична постапка (член 273 и 274 од ЗКП) граѓаните се должни да ги пријават кривичните дела за кои се гони по службена должност, а за кои се известени или за нив дознале на друг начин. Со оглед на тоа што во случајов, има носител на сознанијата, објаснуваат во Обвинителството, потребно е да ги наведат во кривичната пријава. Олеснителна околност е што законодавецот предвидел пријавата до надлежниот јавен обвинител освен писмено да се поднесе усно, телефонски, по електронски пат…
Опозициската ВМРО-ДПМНЕ во неколку наврати го прозва јавното обвинителство да почне истрага околу нивните наводи дека сомнителни бизниси тешки милиони евра, а диригирани од Илинденска бр.2, завршуваат во компанијата на Вице Заев, братот на премиерот Зоран Заев.
Игор Јанушев, генерален секретар на ВMРО-ДПМНЕ во петокот излезе со тврдење, а приложи и документација од Службен весник, дека Владата на Зоран Заев му доделила милионски бизнис на Вице Заев за експлоатација на минерални суровини на локација во Село Дукатино, општина Василево. Претходно, лидерот на партијата Христијан Мицкоски објави дека во времето кога Зоран Заев бил градоначаник на Струмица доделил огромна градежна парцела која завршила во рацете на неговиот брат. Според наводите на Мицкоски, Општина Струмица прво му издала одобрение за градба на зграда на лицето Сашко Брндевски, кој пак во истиот месец, како што тврди Мицкоски, го пренел правото за градење на компанијата „Тотал инженеринг“, сопственост на Вице Заев.
Опозицијата побара истрага и за инволвираноста на компанијата „Тотал инженеринг“ во случајот со пренос на јаглен во РЕК Битола, во кој исто така, според нејзино тврдење се крие баснословен бизнис. Тука спорни беа камионите со струмички регистерски таблички кои водеа до фирмата на братот на премиерот. Подоцна премиерот Зоран Заев изјави дека „Тотал инжинеринг“ ги продал камионите пред да биде отворена постапката за ископот на јаглен.
Опозицијата го повика обвинителството да отвори предмет и кога на седница на пратенички прашања премиерот Зоран Заев беше прозван дека неговиот братучед Трајче Заев стартува уште еден милионски бизнис со производство на канабис.
Владата и компанијата на Вице Заев ги демантираа последните обвинувања на ВМРО-ДПМНЕ, со тврдење дека Договорот за детални геолошки истражувања „Тотал инжинеринг“ го има потпишано пред три години во времето на поранешниот премиер Никола Груевски. Во наредните три години, како што тврди компанијата на Вице Заев, следувала законската постапка која важи за сите други компании, а која завршила во април 2018 година.
На барање на Плусинфо, Министерството за економија, потврди дека договорот за геолошките истражувања на локалитетот во селото Дукатино, бил потпишан пред три години.
– Фирмата „Тотал инженринг“ од Струмица има склучено Договор за детални геолошки истражувања на минерална суровина – глина на локалитетот „Дукатино“, општина Василево врз основа на Одлуката на Владата на Република Македонија бр.42-9921/4 од 20.10.2015 година, со број 24-7138/1 од 26.11.2015 година. Во законски утврдениот рок, концесионерот до Министерството за економија достави Елаборат за детални геолошки истражувања и испитувања на минерална суровина – глина на локалитетот „Дукатино“, општина Василево и со тоа постапката во врска со концесијата за детални геолошки истражувања е во целост реализирана – се вели во одговорот од Министерството за економија.
По завршените детални геолошки истражувања Друштвото за градежништво и инженеринг „Тотал инженеринг“ ДООЕЛ Струмица до Министерството за економија поднело барање кое е заведено под бр.24–1809/1 од 06.03.2018 година, за добивање на концесија за експлоатација на минерална суровина – глина на локалитетот „Дукатино“, општина Василево.
– Владата на Република Македонија донесе одлука за доделување концесија за експлоатација на минерална суровина – глина на Друштвото за градежништво и инженеринг ТОТАЛ ИНЖЕНЕРИНГ ДООЕЛ Струмица на локалитетот „Дукатино“, општина Василево со број 44-3499/1 од 24.04.2018 година која е објавена во „Службен весник“ бр.78 од 02.05.2018 година – велат од Министерството за економија.
Владата, во своето објаснување за доделената концесија на „Тотал инжинеринг“ на 65 седница која се одржала на 24 април годинава, наведува дека позитивно мислење за тоа дале сите надлежни институции и тоа, Министерство за транспорт и врски, Министерство за култура, Општина Василево, Управа за заштита на културно наследство, Министерство за финансии и Министерство за животна средина.