Зоран Заев продолжува да го потценува народот и лаже дека Хоџа си заминал затоа што си ја сака Македонија. Хоџа можеби си ја сака Македонија, но федерализирана. Заев го знаел ова и пред да го направи политичкиот договор со него и да го именува за свој советник, велат од опозициската ВМРО-ДПМНЕ.
– Заев за свој советник за безбедност именуваше човек од американската црна листа токму заради радикализам и екстремизам, кој што единствена опција гледа во федерализација на Македонија. Прашуваме кој тоа ги „мести коцките“ во оваа власт за една намена. Кој и кому му оди во прилог разнебитување на Македонија од внатре? Зоран Заев вели дека лично разговарал со човекот кој што тврди дека со оружје запоседнал територија која ја истргувал за висока функција во власта – рече портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски.
Во одбрана на изборот на Хоџа за советник за безбедност – наспроти јавноста, професорите, опозицијата, меѓународната јавност, велат од опозицијата, застана Заев, но и министрите за одбрана и за внатрешни работи на Република Македонија!
– Спасовски и Шекеринска, првите луѓе на македонските безбедносни структури, наместо во одбрана на државата и нејзината унитарност, застанаа во одбрана на владиното ангажирање на вооружен екстремист кој запоседна територии, екстремист кој посакува паралелни институции, нарушување на унитарниот карактер на државата, и повикува на војна за анектирање на македонска територија од соседни држави! Наместо полицијата и обвинителството да поведат постапка за тоа каде е оружјето на Џезаир Шаќири и на неговите соборци, институциите потиснати од картелот на власт молчат – изјави Стоилковски.
Од паријата велат дека приказната дека Хоџа бил „вработен за лепче, а сега сам се повлекол“ е за мали деца и оти одговорност за овој скандал, мора да има и од тој што го именувал и од оние кои ја дале препораката.