Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ на вчерашната редовна седница одлучил во наредниот период да организира антивладини протести.
Повод за протестите, според соопштението, е тоа што ВМРО-ДПМНЕ, смета оти државата од страна на СДСМ се води во целосно погрешна насока и дека истата само тоне во сиромаштија, криминал и корупција.
Од партијата соопштија дека првиот протест се планира за среда, 28.11.2018 година, на точно една година, како што стои во соопштението од „најцрниот и најмонструозно конструиран процес“ во кој што пратеници, заедно со уметници, актери, режисери и оперски пејачи се апсеа и приведуваа за измислен тероризам.
Протестот ќе започне во 17 часот со место на тргнување од Плоштад ВМРО и ќе заврши пред владата на Република Македонија.
Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ вчера одлучил да објави и јавен повик за кандидирање на членови на Комисии на ВМРО-ДПМНЕ.
По доставувањето на кандидатурата секој кандидат дополнително ќе биде контактиран од ВМРО-ДПМНЕ и со него ќе биде извршен разговор од страна на Комисија.
Сите кандидати имаат подеднакви шанси да бидат избрани, зависно од личните квалитети, успесите во минатото и визијата за иднината. Се поттикнуваат да се кандидираат сите кои ги споделуваат политиките на ВМРО-ДПМНЕ, визијата за развој на Република Македонија како и оние кои се чувствуваат подготвени своето професионално знаење да го стават во функција на напредокот на државата. Секој пријавен кандидат ќе биде третиран со строга дискреција, со цел за заштита на кандидатите кои нема да бидат избрани.
По завршувањето на процедурата на избор, секој кандидат има право да ја подигне неговата документација, по негово сопствено барање.