Согласно Одлуката на Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ донесена на последната седница одржана на 22.12.2018 година, а врз основа на член 17 точка е) од Статутот на ВМРО-ДПМНЕ денес објавуваме Јавен повик за пријавување на кандидатура до Конвенцијата на ВМРО-ДПМНЕ за избор на кандидат за Претседател на Република Македонија за Претседателските избор 2019 година, изјави портпаролот Димче Арсовски.
– Сите оние кандидати, кои ги исполнуваат законски предвидените обврски и услови за кандидирање за кандидат за претседател на Република Македонија и кои се согласуваат и ги поддржуваат политиките на ВМРО-ДПМНЕ и сметаат дека се потенцијален кандидат, треба да поднесат индивидуално писмо за изјавување на интерес за кандидирање на Конвенцијата на ВМРО-ДПМНЕ за избор на кандидат за претседател на Република Македонија, најдоцна до 31. јануари годинава до 18 часот, во просториите на централното седиште на ВМРО-ДПМНЕ, тоа е плоштад ВМРО, Палата Христо Татарчев бр.1 – рече Арсовски.
Потоа, сите кандидати кои ги исполнуваат условите, ќе имаат еднакво право да ги презентираат својот план и програма пред ВМРО-ДПМНЕ.
На конвенцијата ќе учествуваат и одлучуваат 550 делегати.
Принципот за избор е тајно гласање, а за избран кандидат на ВМРО-ДПМНЕ за претседател на Република Македонија се смета кандидатот кој добил најмногу гласови од сите кандидати, но не помалку од 1/3 од вкупниот број на делегати.
Доколку ниту еден од кандидатите не го добил потребниот број гласови од 1/3 или кандидатите добиле еднаков број гласови, гласањето се повторува. Во повтореното гласање учествуваат двајцата кандидати кои добиле најмногу гласови во првото гласање.
– ВМРО-ДПМНЕ ќе го одбере најдобриот и најмотивираниот кандидат за претседател на Република Македонија кој заедно со граѓаните ќе победи на претстојните претседателски избори 2019 година. Граѓаните секојдневно се се помотивирани и понестрпливи да ја поразат оваа хунта на власт која го гледа единствено личниот интерес, настрана од интересот на граѓаните на Република Македонија. ВМРО-ДПМНЕ со идниот кандидат кој ќе го одбере за кандидат за претседател на Република Македонија, ќе ја порази ова ненародна и криминогена власт и тоа ќе биде почеток на крајот на оваа црнила и оваа несреќа што ни се случува во моментов – рече Арсовски.