ВМРО-ДПМНЕ не сака да учествува во „шверцуван“ попис

1100

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ останува на ставот дека е можно да не учествува во пописот, ако власта не се откаже од намерата, како што велат, да го прошверцува со европско знаменце предложениот закон за попис, без здрава дебата за сите отворени и спорни прашања со што според нив, се фрла сомнеж во веродостојноста на најголемата статистичка операција во земјава.

Во партијата велат дека предожениот текст на законот за попис до пратениците бил испратен пред два дена, во петокот, а веќе за утрово беше најавена собраниската Комисија за европски прашања на која требаше да се расправа за две исклучително важни прашања – освен за пописот, предвидена беше расправа и за Извештајот на Европската комисија за напредокот на земјава. Комисиската расправа е одложена, но нејзиниот претседател Артан Груби образложи дека тоа се случило затоа што не можеле за толку кратко време и за викенд да најдат претставник од Мисијата на ЕУ, ниту пак да поканат претставници на дипломатскиот кор и други гости.

Тој не спомна ништо во врска со барањето на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, па неизвесно е дали ќе има широка дебата, како што бара опозицијата, затоа што европското знаменце на предложениот текст на законот за попис диктира скратени рокови за расправа.

– Ако одложувањето на седницата на Комисијата за европски прашања на која треба да се расправа за предложениот текст на законот за попис е во насока на тоа да се остави време за вистинска и поширока дебата, тогаш тоа е добро. Но, ако Заев продолжи да тргува со државни интереси само за да се задржи што подолго на власт и тоа на шверцерски начин, без консултации да носи закон за попис на кој што по испробан рецепт му стави европско знаменце, тогаш е можно да не учествуваме во пописот – вели Наум Стоилковски, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ за Плусинфо.

Според него, токму во брзањето на власта се гледаат тенденцијата и сомнежот за носење закон за попис кој би бил надвор од стандардите на Евростат и на релевантни меѓународни организации.

– Прво се направи забуна во јавноста, креирана од власта за тоа дали и на кој начин ќе биде опфатено прашањето за изјаснување за етничка и религиска припадност. Потоа го наметнаа прашањето кој ќе биде преброен и дали и на кој начин ќе бидат попишувани оние кои се отсутни од Македонија во определен временски период? Оттука брзањето овој закон веднаш и неодложно да биде ставен во процедура, остава место за сомнеж дека постои обид за донесување закон за спроведување попис без вистинска консултација со ВМРО-ДПМНЕ, со опозицијата и со јавноста – вели Стоилковски.

Тој уште еднаш нагласува дека ако власта не ја вклучи и опозицијата во законското решение за спроведување на пописот, тогаш се остава простор за сомневање во пописните резултати, а и можност ВМРО-ДПМНЕ да не учествува во попишувањето.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...