Портпаролот на ВМРО-ДПМНе Наум Стоилковски и пратеникот на СДСМ Костадин Костадинов се скараа на среде улица за поддршка за уставните амандмани. На Костадинов кој држеше прес- конференција пред штабот на ВМРО – ДПМНЕ, вербално му упадна Стоилковски и тие двајцата се раскараа пред камерите.
СДСМ на ова реагираше со соопштение дека нервозата во врвот на ВМРО-ДПМНЕ кулминира со крајно потценување на граѓаните и дека за нив 600 илјади граѓани се нерелевантни.
– За ВМРО-ДПМНЕ над шестотини илјади граѓани кои гласаа на референдумот се нерелевантни! Тоа е истата матрица на Никола Груевски преку која со години граѓаните беа малтретирани, понижувани и омаловажувани, која им го кратеше правото на глас, на слободно изразување и слободен говор.Фокусиран на амнестијата, врвот на ВМРО-ДПМНЕ не знае што прави, партијата не знае каде тера, соопшти СДСМ.
Стоилковски претходно соопшти дека ВМРО ДПМНЕ воопшто нема да преговараат за обезбедување на двотретинско мнозинство во Собранието за уставни измени. Вели дека, според законите и Уставот, референдумот не помина и не смеат да се прават понатамошни чекори кон легализација и вметнување на Договорот во правниот систем.
Портпаролот ги повтори условите за вонредни избори, што уште прексиноќа ги соопшти партискиот претседател Христијан Мицкоски.Тоа се техничка влада, Јавен обвинител на предлог на опозицијата и Анкетна комисија за референдумот. Овие услови, пак, не се прифатливи за СДСМ.
Костадинов обвини дека, зад овие услови на Мицкоски всушност се крие барање за амнестија на поранешниот премиер, Груевски. Потврди дека, од СДСМ се уште не испратиле покана за преговори и ја отфрли можноста за тајно гласање во Собранието, што деновиве се пласира во медиумите, како заштита на пратениците од ВМРО ДПМНЕ кои би сакале да гласаат „за„, но стравуваат од јавна осуда во својот политички кампус. Вели дека гласањето мора да биде јавно, затоа што нема потреба од криење.