ВМРО – ДПМНЕ: Заев лаже, Коѕијас веќе не нарекува Северномакедонци

240

Министерот за надворешни работи на Република Грција, Никос Коѕијас, потврди дека со капитулантскиот договорот кој го потпиша Зоран Заев се менува идентитетот на народот, изјави портпаролот на ВМРО – ДПМНЕ Димче Арсовски.

-Никос Коѕијас јасно и недвосмислено го искористи терминот Северномакедонци на меѓународна конференција. Придавката северномакедонски за Македонците е веќе во употреба. Колку Заев и да ја лаже јавноста дека забетонирал нешто, вистината говори дека со договорот е директно нарушен нашиот идентитет. Кој лаже сега господине Заев? – прашува Арсовски.

Арсовски нагласува дека нема демант или протесна нота од Министерството за надворешни работи и прашува зошто власта се уште не го демантира грчкиот премиер Ципрас кој јасно изјави дека не постои македонска нација, поточно со договорот не е признаена.

-Дали не ви смета што грчки министер за надворешни работи не ословува со сменет идентитет северномакедонски? Ја преименувавте Македонија ерга омнес, а гледаме дека во тој пакет сте го преименувале и македонскиот народ и македонската нација. Со договорот направивте од готово – вересија, односно надвор од резолуцијата на Обединетите Нации преговаравте и го променивте нашиот идентитет. Придавката македонски од јазикот и националноста, која не беше недвосмислена и црвена линија во националната стратегија по ова прашање, вие ја продадовте многу евтино – реагира портпаролот на ВМРО – ДПМНЕ и нагласува дека изјавата дека сме Северномакедонци не доаѓа од било кого.

– Таа доаѓа од Никос Коѕијас, кој е потписник и директен учесник во преговорите од страната на Грција. Оваа влада на чело со Заев ги лаже – ги суши граѓаните на Република Македонија. Секое достоинство на Македонците е погазено со договорот кој беше потпишан во Преспа. Погазено е уставното име, погазен е идентитетот на народот, погазен е и македонскиот јазик. Чинителот на оваа срамна капитулација има име и презиме. Тоа е, почитувани, Зоран Заев, кој поради распродажбата на националните и државните интереси може да заврши на буништето на македонската историја како нов Коте од Руља- додаде Арсовски.

 

 

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...