ВМРО-ДПМНЕ бара оставка од премиерот Зоран Заев и министерката за правда, Рената Дескоска зашто смета дека оставката на директорот на затворот Ѓоко Котевски не е доволна по нападот на поранешните министри Миле Јанакиески и Спиро Ристовски во затворот во Шутка.
Во соопштението ВМРО-ДПМНЕ наведува дека оставката на директорот на затворот, Ѓоко Котевски, е само блед обид за избегнување одговорност на нарачателите на линч врз екс-министрите Спиро Ристовски и Миле Јанакиески.
Целиот случај, велат од ВМРО-ДПМНЕ, не смее да се заташка на овој начин, а одговорните мора веднаш да бидат изведени пред лицето на правдата.
„Зоран Заев и Рената Дескоска да не бегаат од одговорност и да си поднесат оставки. Само така ќе се спроведе независна истрага која ќе резултира и со кривична одговорност за нарачателите“, бара ВМРО-ДПМНЕ.
Од опозициската партија сметаат дека е недозволиво за една земја која претендира да биде член на Европската Унија да затвора и тепа политички неистомисленици.
Со ваквиот чин, според ВМРО-ДПМНЕ, власта ја враќа Македонија во црните времиња на комунизмот и едноумието и ја става во рангот на тоталитарни режими како Северна Кореја.