Министерот за информатичко општество Дамјан Манчевски ќе ја тужи ВМРО-ДПМНЕ поради клевети и лаги изнесени во претставка до Државната комисија за спречување на корупцијата во која опозициската партија бараше да се истражи случајот со поврзаноста на министерот со наводната грчка фирма „Мегатрон“, спомната во присушуван разговор помеѓу поранешниот претседател Бранко Црвенковски и Наташа Савова.
Манчевски за Плусинфо вели дека веднаш откако Државната комисија за спречување на корупцијата обелодени дека отвора постапка на барање на ВМРО-ДПМНЕ, доставил докази до антикорупционерите, дека тој не поседува никаква фирма во Грција, ниту пак дека има каква било повзаност со компанијата која се споменува во претставката на опозициската партија.
Министерот вели дека работел како електро инжинер во грчка фирма, но тоа не е таа на која се повикува ВМРО-ДПМНЕ, настрана што податокот дали Манчевски поседува фирма, може да се провери и во Централниот регистер.
– До Држаната комисија за спречување на корупцијата доставив документ за сите мои претходни вработувања. Јас немам никака поврзаност со фирмата „Мегатрон“, ниту пак имам фирма во Грција, настрана што откако станав советник во Град Скопје, редовно поднесувам и анкетен лист во кој уредно е регистрирано тоа што го поседувам. Очигледно е дека намерата е да му се наштети на мојот углед – вели Манчевски.
Тој нагласува дека ја поддржува работата на антикорупционерите, кои како што вели, покажуваат дека работат независно и очекува на следната седница, комисијата да го официјализира прекинот на постапката за наводните „грчки фирми“, како што впрочем најави и претседателката Билјана Ивановска минатата недела.
Ивановска, на последната седница откако извести дека Манчевски доставил докази, ги повика, подносителите на претставките одговорно да се однесуваат и да не доставуваат лажни и нецелосни податоци, а тоа го бара и министерот Манчевски:
– Членовите на ДКСК беа избрани на транспарентен начин, согласно професионални критериуми, а тоа го потврдуваат со својата работа. Ги повикувам ВМРО-ДПМНЕ, следен пат кога ќе одлучат да ме обвинуваат, тоа да го прават со докази, а не со шпекулации и невистини – вели Манчевски.
Во врска со најавената реконструкција на владиниот кабинет која се очекува по завршување на четиридневниот одмор на премиерот Зоран Заев, Манчевски вели дека досега не било разговарано на таа тема во владејачката партија, но повтори дека ќе ја почитува евентуалната одлука и тој да биде зафатен со „метлата“ на владините функционери.
– Јас никогаш не сум задоволен од тоа што е сработено, секогаш може да биде и подобро. За тоа ќе судат граѓаните – вели Манчевски.