ВМРО-ДПМНЕ до Јавното Обвинителство за организиран криминал и корупција поднесе кривична пријава против премиерот Зоран Заев, против Никола Димитров, против Талат Џафери, како и против сите пратеници кои што гласаа, како што велат, за „капитулантски, противуставен и противзаконски договор потпишан со Република Грција“.
„Во кривичната пријава се гонат по четири основи за сторени кривични дела: Велепредавство, согласно член 305 од Кривичниот законик на Република Македонија; Загрозување на независноста, согласно член 308 од Кривичниот законик на Република Македонија; Здружување заради непријателска дејност, согласно член 324 став 1 и 2 од Кривичниот законик на Република Македонија; и Злоупотреба на службената положба и овластување, согласно член 353 став 1,2 и 3 од Кривичниот законик на Република Македонија“, информира ВМРО – ДПМНЕ.
Сите овие дела, велат во партиското соопштение, кои им се ставаат на товар се поткрепени со соодветни докази кои се приложени во склоп на пријавата.
„Јасно е дека и чинот на договарањето на капитулантскиот договор, и носењето на Законот за ратификација е кршење на повеќе закони, на Уставот и воопшто обид за изигрување на целиот правен систем во Република Македонија, со обид за изигрување на опозицијата, на јавноста и на Претседателот на државата“, вели ВМРО – ДПМНЕ.
ВМРО-ДПМНЕ очекува Јавното Обвинителство и судскиот систем да го надминат стравот, да се одважат пред политичкиот притисок и да постапат согласно законите и професионалниот интегритет, процесуирајќи ја пријавата и да одмерат соодветни казни за сторителите на овие дела.
Партијата потсетува дека вакви дела не застаруваат.