Објективно гледано, ВМРО-ДПМНЕ е наследничка на групите политички активисти кои во периодот на комунизмот илегално бркаат некаква своја, главно романтична и аутисична агенда за осамостојување на Македонија од југословенската федерација. Идеолошката предлошка на таа агенда во еден дел е „пробугарска“, но во поголем дел е прозападна. И ова второво е многу поважно, бидејќи тоа ја определува основната идеолошка линија на партијата од нејзиното формирање од страна на Љубчо Георгиевски и другите, па сѐ до вчера, односно до периодот на трагично идеолошко застранување, кој почнува со лудориите на Никола Груевски и еве, завршува со тоталниот хаос што го предизвикува новото раководство на партијата.
Погледнете, на пример, што јавно зборува сѐ повлијателниот Александар Николоски, човекот кој порано декларативно ја туркаше евроатлантската агенда, а сега е со сѐ поизразени амбиции (барем така велат) да го наследи Христијан Мицкоски на кормилото. Николоски јавно тврди дека е песимист дека Македонија некогаш ќе влезе во Европската унија. „Ние ќе станеме втора Турција, ќе бидеме секогаш во процес на преговори, но никогаш нема да станеме членка“, изјавил тој за телевизијата Клан.
Да биде работата полоша, „идеологот“ на новата ВМРО изолирана, вели дека не верува во пријателството со Грција. „Секогаш кога на грчки премиер ќе му е потребно да си го крене рејтингот дома, ќе стави блокада на следното поглавје во процесот на преговори со ЕУ што во превод ќе значи дека ние никогаш нема да ги завршиме преговорите за членство во ЕУ“, умува Николоски.
Богами, ваков нападен и ретрограден евроскептицизам не си дозволуваше ни Никола Груевски, во неговите најлоши денови. Она што сега го зборува Николоски е директен отклон од историската идеолошка линија на оваа партија, за која луѓе гинеле и биле затворани. И тој отклон го гледаат сите, дури и и младинците во партијата. На пример, претседателот на Градскиот комитет на Унијата на млади сили, извесен Томи Кепевски, во образложението на својата оставка вели: „За жал, јасно е дека ова раководство застранува од стратешките определби и партнери на ВМРО и Република Македонија му служи како платформа за ширење на руското влијание“.
Јасно и прецизно. Нема тука големи филозофии. Сѐ повеќе членови на ВМРО-ДПМНЕ разбираат во која насока се движи партијата и кој е нејзиниот нов потенцијален, ако не и актуелен стратешки партнер. Русија. Таму каде што сега „војува“ еден од најголемите медиумски поддржувачи на „тврдата линија“ на Мицкоски и на Николоски, воинствениот и раскурчен Миленко Неделковски, кој на Фејсбук постира видеа и фотографии од својата најнова „журналистичка“ мисија во воената зона меѓу Русија и Украина.
Па што ли мисли Мицкоски, на што се надева Извршниот комитет на партијата? Дека никој не е доволно писмен да ги прочита овие пораки? Дека утре, ако затреба, од партијата ќе ги исклучат сите кои не се проруски евроскептици? И дека така ќе се задржат „на власт“, во штабквартирата која веќе е во должничкиот барабан?
Мислам дека наближува мигот кога здравите прозападни сили, исклучени или не, ќе мора да побараат партијата формално, на конгрес, јасно и недвосмислено да ја прецизира својата идеолошка и политичка платформа. Зашто, ова ВМРО-ДПМНЕ што го гледаме сега, е една авантуристичка антизападна и проруска групировка, која не може да биде моќна опозиција и силен коректив на власта, претендент за освојување на тронот на наредните избори.