ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата официјално листите со кандидати на пратениците за изборите на 12 април ќе ги презентира на јавен настан што ќе се одржи во среда на 11 март. Претходно кандидатите и носителите на листите треба да бидат потврдени на седница на Централниот комитет што ќе се одржи на 10 март во вторник соопшти денеска на прес-конференција лидерот на партијата, Христијан Мицкоски.
Деновиве, рече тој, привршуваат анализите во партијата и договорите со коалициските партнери и многу скоро би можело да се знаат имињата на носителите на листите.
Во врска со преименувањето на две училишта во општина Чаир рече дека нема зошто да ги коментира различните изјави на Зоран Заев и кажа дека советничката група на ВМРО-ДПМНЕ гласала против овој предлог кој, како што додаде, се прави во предизборен период кога граѓаните се чувствителни за одредени теми.
Потоа тој навраќајќи се на ова прашање на новинарите рече дека ја коментира само процедурата и дека воопшто не зборува за имињата на тие училишта.
Укажа дека за министерот е важно преименувањето на две училишта во Чаир, но не и на пример реформирањето и реконструкцијата на Средното училиште „Кирил Пејчиновиќ“ во Тетово каде учениците учат во супстандардни услови.
Коментирајќи го дополнителниот извештај на ЕК што беше објавен вчера, Мицкоски рече дека го прочитал и дека се согласува со него само во едно нешто, а тоа е барањето да се отпочнат преговори за влез на земјата во ЕУ, но потенцира дека тој ни оддалеку не ја отсликува реалноста во секторите што се наведени.
Мицкоски изрази убедување дека и да дојде тој датум тој процес ќе го води нова влада која ќе биде предводена од ВМРО-ДПМНЕ која, како што повтори, има непроменет став во однос на интегрирањето на земјата во ЕУ.
Според него, доколку после изборите влада формира СДСМ и Зоран Заев земјата никогаш нема да дојде до посакуваното членство.
Одговарајќи на новинарско прашање Мицкоски рече дека не може да се сложи дека билбордите на кој осамна ликот на Зоран Заев и кој вчера беа пребојувани се црна кампања, туку кажа дека тоа е констатирање на реалноста.
Според Мицкоски, Заев самиот го кажал тоа што било напишано на билбордите што се бојадисуваа, а потоа како што кажа вечерта дури биле и палени.
Полицијата фати лица кои ги палат овие билборди, рече Мицкоски, упатувајќи порака дека по 12 април ќе има одговорност.
-Би им порачал да ја прифатат критиката и да не уништуваат приватен имот – рече тој.
На прашањето за ставот на ДУИ за постизборна коалиција победник со победник кажа веќе дека го соопштил ставот и дека нема што да додаде на тоа прашање.