Владата на СДСМ и ДУИ нема капацитет на водење на институциите и наместо да ги решава проблемите на граѓаните, работат исклучиво за партиски потреби и интереси, се вели во Интерпелацијата за недоверба на Владата, која ВМРО-ДПМНЕ вчера ја достави до Собранието. Се очекува Интерпелацијата пред пратениците да се најде на собраниската седница во среда.
Криминал, корупција, критики за економијата и надворешната политика, се само дел од аргументите со кои партијата на Христијан Мицкоски бара пратениците да гласаат да падне владата.
Отпуштањето на илјадници луѓе најчесто во локалната власт и јавните претпријатија, наместо ветената професионализација, е првата точка во интерпелацијата за која ВМРО-ДПМНЕ ја критикува владата на Зоран Заев и Али Ахмети.
– Единствени проекти кои Владата ги спроведе се нагло партизирање на институциите, бркање од работа, деградирање, заробено судство, луксузирање на владините функционери со пари на граѓаните и политички реваншизам – се вели во Интерпелацијата.
ВМРО- ДПМНЕ обвинува дека СДСМ и ДУИ за да ја одржат коалицијата ја погазиле демократијата во државата, Уставот, законите и собранискиот Деловник. Дека на сила го изгласале Законот за јазиците, не спровеле ниту една реформа од планот 3-6-9, кој според нив доживеал целосен колапс.
Најголем дел од интерпелацијата е со критики на економската и социјалната полтика. Во интерпелацијата се критикува за задолжувањето од 1,5 милјарда евра, падот во градежништовото, неостварено првото ветување за враќање на ДДВ.
– Неуспесите во правосудниот систем се обидува да ги прикрие преку негова злоупотреба спроведувајќи политички реваншизам со уцени и притисоци. Во Македонија политички и без основа луѓе се држат во притвор и политички се апсат пратеници – пишува во Интерпелацијата.
Се обвинува дека граѓаните се жртви на грабежи, обиди за убиства, рекетирања и насилство. МВР станало дувло на скандали и афери, дека се прикриваат убиства. Главната забелешка за МВР е обидот да го прикрие скандалот со физичкиот напад на полицајката од функцинер на ДУИ, но и за набавката на 45 возила од фирма која донирала во СДСМ.
Во интерпелацијата критки има и за договорот со Бугарија и преговороите со Грција за разликите околу името.
– Јавноста и пратениците повеќе информации за ова прашање може да најдат во странските медиуми и од грчката Влада отколку од нашата Владата и министерот за надворешни работи, што е недозволиво и неприфатливо – пишуваат од ВМРО-ДПМНЕ во барањето за интерпелација на Владата.
Бројни забелешки се упатени и за ресорите образование и здравство.
Според ВМРО-ДПМНЕ, за кусо време направен е хаос во здравството, со многу скандали и смртни случаи. Велат дека ништо на подобро не тргнало ни по изборот на Венко Филипче за министер.
Партијата на Мицкоски обвинува и дека Владата ги заборавила земјоделците и оти наместо зголемување ги намалила субвенциите.
На тапет е и ресорот култура, каде според ВМРО-ДПМНЕ има тренд на уназадување, класична партизација, селекција и дискроминација на уметниците. Забележуваат за скандалозната годишна програма на Министерството за култура.
Многу сканадли, манипулации и малку работа има и во Министерството за труд и социјала, пишува во документот. Како врвен скандал го издвојуваат злоупотребата и злоставувањето во Домовите за деца без родители.
– Штетите кои ги предизвикува Владата стануваат се поголеми и се потешко ќе биде да се надоместат. Владата единствено покажа дека знае да руши и укинува реформи, а не знае да гради, создава и спроведува проекти. Оваа Влада се покажа како една од најнеспособните и најкриминалните и затоа мора што побрзо да си оди – заклучува ВМРО-ДПМНЕ во Интерпелацијата.