За претворањето на МВР во МВР-Турс мора да има одговорност, Оливер Спасовски мора да си поднесе оставка за покривање и злоупотреби, а Владата уште на следната седница да го разреши тур-операторот кој во моментов врши должност директор на БЈБ Лазе Велковски, бара ВМРО-ДПМНЕ.
Од опозицијата прашуваат кога може функционер на МВР-Турс да си ја носи ќерката и нејзините другарки на одмор со службено возило што може граѓаните да очекуваат следно?
Дали, како што велат, директорот на ЈСП да си ги носи роднините со градски автобус или Стојанче Ангелов да си земе авион за летување?
– Оливер Спасовски четири дена крие што бара службениот полициски џип на плажа во кампот Евридики. Спасовски и СДСМ мислат дека граѓаните се наивни и не знаат каква службена должност може да се извршува во автокампот во кој висок полициски функционер, според информациите во медиумите, имал свој камп приколка. Согласно уредбите на МВР, полициски службеник кој патува во странство, мора да го најави своето патување и да ги образложи причините за истото. Доколку патува службено, за истото мора да има наредба и патен налог – вели Наум Стоилковски, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.