СДСМ може на шверцерски начин да договара, да притиска, да уценува и да корумпира судии, да тера приватни агенди за аболиции, но јас и ВМРО-ДПМНЕ не поддржуваме такви криминални одлуки, истакна претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на собирот во Кочани во рамки на кампањата „Разговори за обнова на Македонија – Проблеми, решенија и програма“.
– Заев и СДСМ разочараа многу наши сограѓани кога поверуваа дека е дојден денот кога правдината и правото ќе владеат во Македонија. За жал, сето тоа беше една нивна алатка да вршат притисок, да уценуваат политичари, да рекетираат бизнисмени. Затоа денес „зад завеса“ се договараат со оние остатоци кои ги направија уставните измени во Собранието, и сакаат на мала врата, преку Уставниот суд да ја реактуелизираат аболицијата, а притоа виновно да биде ВМРО-ДПМНЕ. ВМРО-ДПМНЕ е против каква било шверцерска аболиција или помилување на политичари кои се огрешиле на каков било начин. Нема ниту еден Стево Пендаровски да ве спаси господа од СДСМ, од прв до последен ќе одговарате за злоделата што им ги направивте на народот и државата – истакна Мицковски.
Опозициската партија рече дека ќе излезе на протести доколку премиерот Зоран Заев продолжи да го реализира неговиот план затоа што намерата е премногу јасна, одлуката на Уставниот суд да ја отвори иницијативата е политичка, а не е правна.
Од СДСМ велат дека Христијан Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ втор ден не се изјаснуваат дали ќе го поддржат Барањето поднесено од СДСМ за автентично толкување на член 11 од Законот за помилување, за да се спречат најавите да се врати незаконската аболиција на Иванов.
„Наместо да врти одоколу Мицкоски да ги повика пратениците на ВМРО-ДПМНЕ да гласаат за автентичното толкување. Повеќе од очигледно е дека ВМРО-ДПМНЕ стои зад иницијативата пред Уставниот суд која има за цел да ја оживее аболицијата на Ѓорге Иванов против која застанаа сите слободоумни граѓани и сите политички субјекти освен криминалната ВМРО-ДПМНЕ“, соопшти СДСМ.
Координаторите на парламентарните групи со собранискиот спикер Талат Џафери треба да се договорат кога ќе има собраниска седница и дали таа ќе биде закажана пред седницата на Уставниот суд, в среда.