Пратеничката група на ВМРО – ДПМНЕ му предлага на Собранието да формира анкетна комисија која ќе испита како се трошеле парите во СЈО, откако обвинителката Катица Јанева која е во притвор како третоосомничена во аферата „Рекет“ викендов беше разрешена поради незаконско, нестручно и несовесно работење.
Комисијата, сметаат пратениците од опозициската партија,, ќе утврди наводи за трошење на парите добиени како донации на СЈО од американската, холандската и од шведската амбасада кои донирале значителни суми на пари за работењето на специјалното обвинителство, а ќе може да покани и нивни набљудувачи за да видат како биле трошени нивните пари.
Оваа комисија, сметаат пратениците од опозициската партија, треба да се позанимава и со начинот на кој работело СЈО и какви резултати постигнало.
– Анкетната комисија во Собранието ќе има за цел да направи сериозна анализа и да одговори на прашањето зошто се потрошени околу 15 милиони евра од парите на нашите граѓани кои беа определени за беспрекорно функционирање на оваа институција. Оваа комисија треба да истражи и да аналлизира какви резултати постигнало СЈО во борбата против високата корупција, дали примањата на обинителите биле сразмерни со постигнатите резултати и нивната работа како и широкиот обем на распространет непотизам кој воопшто не се негираше од специјалната обвинителка која раководеше со оваа институција – велат од пратеничката група на ВМРО – ДПМНЕ.