Влијанието на Русија врз референдумот

1148

За време на посетата на главниот град на Република Македонија, државниот секретар за одбрана на САД, Џејмс Матис, пред новинарите кои го придружувале на патот кон Скопје изјавил: „Нема сомнение дека Москва финансира групи во Македонија кои се наклонети кон Русија, со цел да пропадне референдумот“. Американскиот министер за одбрана ги осудил напорите на Русија што користи сопствени пари за да влијае врз референдумот, од чиј исход зависи влезот на Македонија во НАТО“.

Дали повторно се работи за некоја американска антируска параноја или за сериозна констатација на првиот човек на најмоќната воена и разузнавачка светска сила? Дали Вашингтон се навлече на сомнежите за руското мешање во неколку афери како што се последните претседателски избори во САД, мегапродукцијата на антизападните fake news врз социјалните мрежи, сомнежите за замешаноста на руските тајни служби во труењето на поранешниот двоен разузнавач Сергеј Скрипаљ и неговата керка Јулија? Или американските разузнавачи поседуваат сигурни информации, кога лично од страна на американскиот министер Матис, но и од страна на генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг и Њујорк тајмс, се покажува прстот кон Москва за вмешаноста во македонскиот референдум“? За секој познавач на оваа материја, мешањето на Русија во нашата домашна салата е разбирлив стратешки потег на Кремљ. Имено општопозната е концепцијата на Путин за спротиставувањето кон проширувањето на НАТО во Западен Балкан и членството на РМ во Алијансата“.

Од своја страна одговарајќи на новинарско прашање премиерот Заев, настојувајќи да одржи добри односи со Москва, убедува дека нема докази за руско влијание во Македонија“. Патем Заев лаконски додава дека Руската Федерација е пријател на Македонија и таа нема ништо против интеграцијата на Македонија во ЕУ, но е против нашата интеграција во НАТО“. Таквата констатација е разбирлива со оглед на слабите и несофистицирани разузнавачки капацитети на македонските служби особено по големите афери на прислушување. Разбирлива е и од рационален дипломатски респект кон џиновската Руска Федерација.

Руското мешање“ во македонските работи“

Официјално, руската дипломатија, освен што истакна дека е против членството на РМ во НАТО“ и дека доколку дојде до воени судири со Алијансата, РМ како членка ќе биде сметана за непријателска земја“, не се истакна со некоја видлива агресивност или непријателски чин. Меѓутоа, доколку ги анализираме информациите кои пристигаат од релевантните меѓународни безбедносни институции, хипер-продукцијата на лажните вести на социјалните мрежи од странски сајтови, или ставовите на водечките руски аналитичари собрани околу провладината медиумска агенција Спутник, може да се констатира дека од оваа светска сила стигнуваат значајни импулси за мешање во исходот на референдумот за Договорот од Преспа.

Според рускиот аналитичар Андреј Корибко, Србија, Македонија и Грција ја претставуваат новата балканска стратешка целина, низ чија територија поминува оската север-југ, односно коридорот на Патот на свилата кој ги поврзува Источниот Медитеран и Централна Европа“. На овој коридор беше планирана и изградбата на сега замрзнатиот коридор на рускиот гасовод Balkan Stream. Корибко смета дека во тек е една нова студена војна, која се води на Балканот помеѓу униполарниот свет на Западните демократии и мултиполарниот свет персонифициран преку Русија и Кина“. Униполарниот свет настојува да ги оневозможи транснационалните проекти на мултиполарните Кина и Русија, кои значат економски и социјален спас за регионот и за Македонија“. За да се оневозможи пристапот на Русија во овој простор, Корибко пишува дека САД ќе иницираат хибридна војна во регионот, преку проектот Голема Албанија и Масивната мигрантска криза“.

Авторот, настаните од Гошинце (2015) ги оквалификува како почеток на проектот Голема Албанија“ од страна на САД. Провладиниот Спутник, во 2015 г. зазеде позиции и против Шарената револуција и Зоран Заев. Во написот се истакнува дека „...по осудата дека подготвува државен удар во јануари, лидерот на опозицијата Заев ја иницирал Шарената револуција… за среќа на Македонија, тврдокорните патриоти не дозволиле да се развие Шарената револуција инаку поддржана од САД“.

Од овие неколку цитати може да се констатира дека Русија и нејзините аналитичари не успееја да го прочитаат духот на времето и прогресот во РМ“. Не изненадуваат ниту гласините дека руски пари ги помагаат групите во РМ кои се против референдумот“, ниту огромниот антиреферендумски наплив на лажните вести“ од странски сајтови. Тоа е вид на Soft power концепција, еден вид мека војна“ која ја користат и големите и средните сили. Нејзините методи се поврзани со употреба на многу финансиски средства, употреба на медиуми, пропаганда, лажни вести и заплашувања.

Името како геополитички влог

Историски набљудувано, геополитичкиот ривалитет на големите сили за македонското прашање“ е присутен повеќе од еден век. Името се претвори во повеќеслоен влог, како на интерен меѓуетнички план, така и на билатерален и мултилатерален план. Проблемот на името постепено еволуира во фактор на дестабилизација на Македонија, но и на целиот регион. Доколку продолжеше какафонијата околу бесконечните јалови преговори меѓу Атина и Скопје“ Македонија и натаму ќе заостануваше зад своите соседи, постепено ќе се изолираше со опасност за заострување на меѓуетничките односи.

Затоа потпишувањето на Договорот од Преспа и успешниот референдум претставува конечно решавање на вековното македонско прашање“, затоплување на билатералните односи со Грција и добивање нов стратешки партнер. Тоа е прв дипломатски и пријателски акт за реално надминување на геополитичките влогови меѓу Атина и Скопје во последните сто години, и афирмација на една нова геополитичка стратегија во регионот. Овој дипломатски акт придонесува кон стабилизирање на Западен Балкан и отварање на евро-атлантските перспективи на РМ. Со успешната имплементација на Договорот од Преспа, се надминуваат сите сомнежи на Атина дека Скопје ја загрозува нејзината историја и прогресот на културно-историскиот и геополитички иредентизам на РМ кон РГ.

Овој чин го реализираа двајца лидери Заев и Ципрас. Политичари со толерантен карактер и силна волја. Заслужуваат многу повеќе од комплименти, зошто и да не Нобелова награда за мир“ како што предложи еден од амбасадорите-панелисти на неодамнешната Конференција во МАНУ, посветена на Договорот од Преспа. Можеби некои колебливи души сѐ уште не се свесни за значењето на Договорот и на Референдумот. Некои и натаму ќе останат тврдокорни, слично на некогашните информбировци, без капацитет да ја апсорбираат динамиката на новото време и интересот на Република Македонија.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...