Влезот на Македонија во ЕУ не гарантира излез на МПЦ-ОА од расколот

Ако членството во ЕУ значи обврска за регистрирање и на други верски заедници, а не штитење на монополот на поедини, тогаш се поставува прашањето зошто во скопскиот судски регистер има повеќе одбиени, отколку регистрирани верски заедници, коментираат високи црковни извори за Плусинфо.

326

Членството на земјава во ЕУ ќе придонесе за решавање на црковниот спор и за признавање на Македонската православна црква-Охридска архиепископија (МПЦ-ОА) во православниот свет.

Вакви се очекувањата на дури 42 отсто од православните верници во Македонија, покажува истражувањето што го спроведе Институтот за политички истражувања „ИПИС“, заедно со порталот „Религија“ и Фондацијата „Конрад Аденауер“.

Таму е наведено и дека мнозинството граѓани, односно 44 отсто од испитаниците, сметаат дека по приемот во ЕУ земјава ќе биде обврзана да регистрира и други верски заедници.

Од друга страна, високи црковни извори со коишто разговараше Плусинфо не се согласуваат со резултатите од ова истражување и велат дека ЕУ не поседува волшебно стапче за да го реши црковниот спор.

– Истражувањето кое покажува дека голем дел од граѓаните очекуваат ЕУ со волшебно стапче да го реши црковниот спор во земјава, само ги покажува целосниот провинцијализам и неупатеноста на граѓаните, па и на самата власт, во концептот на напредните, европски и демократски вредности. Ако членството во ЕУ, според истото истражување, значи обврска за регистрирање и на други верски заедници, а не штитење на монополот на поедини, тогаш се поставува прашањето зошто во скопскиот судски регистер има повеќе одбиени, отколку регистрирани верски заедници – велат нашите соговорници.

Тие посочуваат дека во клубот на ЕУ нема место за политички примитивизам.

– Во релевантните меѓународни институции, земјава сè уште фигурира како делумно слободна земја, а тоа значи земја на делумно слободни личности. Слободата на вероисповед е неприкосновено право на граѓанскиот општествен концепт. Оттука, кога некогаш ќе постои владеење на правото, тогаш ќе отсуствуваат какви било верски спорови. Бидејќи, верската слобода подразбира верски плураризам, па дури и промена на уверувањето, како и јавна манифестација на таа промена, а такви промени возможно е да се случуваат во верските заедници и откако земјата ќе влезе во ЕУ. Доколку тогаш не би смеело да бидат гонети инакумислечките, следствено не би смеело да бидат гонети и сега, оти во спротивно, политичарите и проблематичното судство, заради приватен бенефит на ловење во матно, ќе ја туркаат земјата сè подалеку од напредните демократски општества на слободата во ЕУ – објаснуваат нашите црковни извори.

Истражувањето на ИПИС покажува и дека влијанието од членството на земјава во ЕУ особено ќе се почувствува во сегментот на заштита на верските објекти, кои се истовремено и заштитени културно-историски споменици. Во тоа веруваат 63 отсто од анкетираните.

На прашањето дали во земјите на ЕУ се почитуваат верските права и слободи, пак, 69 отсто од граѓаните одговориле потврдно, а 14 отсто не се согласиле дека во ЕУ се почитуваат верските права. Дека ќе се подобрат верските права и слободи кога Македонија ќе стане членка на ЕУ веруваат 33 отсто од граѓаните, а 9 отсто рекле дека ќе се влоши состојбата.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...