Еден од најдобрите македонски рок, поп и џез музичари Влатко Стефановски во интервју по повод 20-годишниот јубилеј на МИА го истакна големото значење од постоењето на Агенцијата, изразувајќи задоволство поради објавувањето на релевантни и точни информации.
-Би сакал да ви го честитам 20-годишниот јубилеј и морам да признаам дека се восхитувам на вашето долго траење и на опстанокот затоа што со оглед на овие брзи комуникации и брзи времиња во кои живееме многу е тешко човек да се занимава со медиуми, посебно со лиферување на вести. Сведоци сме на навистина една огромна информативна пресија што се случува врз секој од нас, со оглед на тоа што секој во својот мобилен телефон има и радио и телевизор, чита и портали и до него доаѓаат секакви вести. Сум имал јас контакти со МИА и таа често пати ги следела моите настани и концерти и главно многу позитивни коментари праќале понатаму. Знам дека сте вие Агенција која лиферува вести за останатите медиуми, портали итн. Мислам дека е значајно што постоите, што сте успеале да преживеете 20 години и сепак да лиферувате релевантни и точни вести.
Колку Ве импонира една соработка со државна новинска агенција, имајќи предвид дека ваквите теми обично се дел од забавни списанија, таблоиди, некои ТВ-емисии или специјализирани медиуми?
-Ние сме мала држава и верувам дека опсегот на вашата работа не може да биде од тука, а можеби и може со оглед на демократизацијата на медиумите можеби и може и до Австралија, веројатно досегнувате и до Јапонија, и до Америка и до секаде. Бидејќи сме мала држава секој мој контакт со државата или со институции на државата ми се значајни. Значајно ми е кога државата го препознава она што јас го правам, тоа ми е навистина драго. Кога ќе добијам некој позитивен сигнал дека тоа што сум со сработил и тоа што го работам е добро не само за мене и за моите фанови, туку и во некој поширок контекст дека нешто значи тоа што го правам.
Имате ли некоја сугестија, доколку сте запознаени со работата на МИА, која би можела да ја прифати Агенцијата во иднина за проширување на своите содржини со цел поблиска соработка со истакнати личности од областа на музика, спорт, филм, театар?
-Мојот совет е да бидете брзи, затоа што често пати приватните социјални мрежи се побрзи од агенциите кои се занимаваат со вести. Често пати Фејсбукот или Инстаграмот објавуваат многу побрзо отколку што некој медиум успева да проследи некоја вест. Времињата се многу брзи, информациите стигаат – газат, една информација ја гази другата. Мојот совет е да бидете брзи во лиферување на вести, меѓутоа да не се натпреварувате со она со кое што не можете, зборувам за социјалните мрежи кои се ултра брзи. Мој совет е да се позанимавате повеќе со култура и со афирмирање на вредности кои вредат, за кои е вредно да се истакнат или да се афирмираат. Тоа значи повеќе вести од култура, повеќе вести од уметност. Знам дека морате да се занимавате и со политика, ама морате. Подолго траат вестите од култура отколку вестите од политика, подолго траат. Некој кога ќе добие Оскар тоа трае, тој Оскар трае, не можете да му го одземете. Е сега, тој некој кој добил Оскар кога ќе направи глупост тука се медиумите да го опоменат или да го казнат, ама од друга страна верувам дека нас ни треба тоа… Знаете што е многу важно, тоа што можам и на државната телевизија или јавниот сервис да им го порачам, е да внимаваат на писменоста. Многу ме нервира кога ќе видам погрешен превод на филм, погрешен збор или погрешна кованица. Не оти сум јас којзнае колку писмен, само што верувам дека доволно книги во животот сум прочитал за да побегнам од основната писменост и да отидам во некаква пософистицирана писменост. Мене ме нервира кога ќе прочитам неписмен коментар. Не зборувам само за правописни грешки, зборувам општо за текст кој е напишан, кој нема ниту опашка, ниту глава. Од друга страна, мислам дека често сега зборуваме за државност, за идентитет итн., ако основниот столб, според мене, на нашата државност и нашиот идентитет треба да е јавниот сервис, а бидејќи сте и вие дел на некој начин јавен сервис, тогаш морате многу да внимавате и на јазикот и на содржините и на писменоста. Знаете што, често пати читаме што се случило, а никој не дава коментар. На пример, на „Охридско лето“ вчера свиреше пијанистот тој и тој и точка. И мене тоа ништо не ми значи. Или „Света Софија“ беше полна со публика, ќе го прочитам тоа и ништо не ми значи, никаква критика, никаков осврт, никаков есеј, никаков коментар како било. Е имаше публика, имаше три биса и точка. Значи, малку има стручни новинари кои можат рецензија да напишат. Не само кои песни биле, го свиреше Рахмањинов и Гершвил, туку како тоа било, како го свиреле, значи, сакам театарски критичари, сакам филмски критичари, сакам музички критичари, сакам да прочитам осврт како тоа било, не само што било.
Колку за Вас е важна соработката со медиумите за текот на кариерата и дали сметате дека медиумското експонирање е речиси исто толку важно колку и талентот за постигнување на конкретно Вашата цел?
-Моето искуство со медиумите е прилично големо. Јас почнав да давам интервјуа и да се сликам за весници и за телевизии уште во најраните свои тинејџерски години. Од првите успеси на „Леб и сол“ ние бевме експонирани постојано на насловни страници, интервјуа, коментари, изјави, рецензии, се и сешто. Јас мислам дека имам прилично големо искуство и дека знам да се поставам, некако знам да заземам добра позиција за евентуално на телевизија да не изгледам многу лошо и да не дадам некоја изјава заради која ќе ми биде срам или непријатно потоа, да не провоцирам и иритирам, да не се зајадувам со еснафот, со мојата професија, да не зборувам лошо за никого, бидејќи зборовите се како стрели – можат да бидат отровни, а можат да бидат и љубовни, тоа зависи како ќе се поставите и зависи што сакате да кажете. Зборовите имаат огромна тежина, посебно јавниот збор. Затоа кога ќе слушнам или видам лош збор во медиум, тоа е страшно.
Со каква порака би и го честитале 20-годишниот јубилеј на Македонската информативна агенција?
-Ви посакувам добро здравје на сите кои работите таму и успех во борбата до вистината. Живееме во време на лажни вести, веќе човек не разликува што е лажно, што е вистинито. И мислам дека ваша должност е да се занимавате со вистината и да ја афирмирате вистината. И без оглед на евентуалните притисоци, на евентуалните злоупотреби, манипулации и калкулации вие треба да останете на браникот на вистината затоа што можеби има неколку вистини во однос на тоа кој од каде гледа, меѓутоа верувам дека вистината е една и таа се случила само така и никако поинаку. Благодарам, имам убава соработка со вас, верувам дека така ќе биде и понатаму и уште еднаш големи честитки и поздрави за вашиот јубилеј.