Предлогот на ВМРО-ДПМНЕ, освен од обвинителската фела на чело на Обвинителството за гонење на организиран криминал и висока корупција да може да застане и човек од академската фела со искуство, пред сѐ, професор, е прифатлив за власта.
Оттаму брифираат дека се подготвени меѓу критериумите за шеф на ова обвинителство во новиот закон да се вметне дека тоа може да биде и некој професор.
Ова е една од точките за Законот за јавно обвинителство, кои вчера пратеникот Антонио Милошоски ги наведе во листата разлики кои ги имаат опозициската ВМРО-ДПМНЕ и Владата.
Ваквото барање опозицијата го изнела и на лидерската средба и уште од тогаш, брифираат од власта, тоа бил прифатлив предлог за нив.
Шеф на Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција во моментов е Вилма Русковска. Прифаќањето на барањето на опозицијата ќе значи оти за шеф на ова обвинителство, кое би било и за висока корупција, покрај неа или некој друг обвинител, би можел да биде избран и некој универзитетски професор.
Од власта ги разгледуваат и останатите разлики помеѓу нивниот и предлогот на опозицијата, па засега нема дециден одговор за што друго би можеле да се согласат.
Предлогот од ВМРО-ДПМНЕ до Владата беше испратен вчера, откако претходно во петокот од Министерството за правда им го испратија нивниот предлог Законот за јавно обвинителство со измени направени по лидерската.
Официјално, вчера краток коментар имаше само премиерот Зоран Заев кој рече оти секој предлог е вреден за внимание затоа што целта е да се стаса до договор.
Останатите разлики, според она што го посочи Милошески, покрај за тоа кој може да конкурира за шеф на клучното обвинителство, се и во тоа што опозицијата бара да има едно Обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, а Заев предложил тоа да се подели на два дела со што едното би било само за висока корупција.
Пратеникот посочи и оти клучна поента во нивниот предлог е начинот на кој ќе се избира шефот на тоа обвинителство. ВМРО-ДПМНЕ бара опозицијата да предложи еден од пријавените кандидати на конкурсот. Ако предлогот не помине во Собрание постапката да се повтори. Ако и тогаш не се избере, тогаш во третата фаза да седнат заедно со власта и заеднички да предложат една личност до Советот на јавни обвинители. Предлогот на ВМРО-ДПМНЕ, предвидува и четврта фаза, која би била и последна ако не успее претходна, а таа се состои во тоа опозицијата да избере тројца од пријавени кандидати и да ги предложи до Советот на јавни обвинители, кој согласно високи стандари ќе избере и ќе назначи обвинител за организиран криминал и висока корупција.
Целта, според Милошоски, е да не се дозволи власта да си избере подобен обвинител како што, според нив, е Вилма Русковска.
Во власта сериозно се разгледува и барањето опозицијата да предлага шеф на ова обвинителство, но нема потврда дали нешто е прифатливо од методологијата која ја бара ВМРО-ДПМНЕ.
Очекувањата се до крајот на неделата од Владата да ја разгледаат верзијата која им ја испрати опозицијата и да седнат повторно да разговараат. Како што беше најавено и по лидерската, ако има тогаш согласување за конечниот договор рака ќе си подадат лидерите, а во меѓувреме преговарачките тимови и работните групи би контактирале за да ги дефинираат техничките детали.