Власта ќе се обиде уште оваа недела да ги убеди опозициските пратеници да гласаат за уставни измени, поттикнати од преспанскиот договор кои попладнево ќе бидат на разгледување на вонредна владина седница.
Неофицијално, дознаваме дека од досегашните средби со пратениците, нема обезбедено двотретинско мнозинство, а ВМРО-ДПМНЕ и нејзиниот лидер Христијан Мицкоски не само што не отстапуваат од претходно искажаните ставови за Договорот со Грција, туку и ги засилуваат своите барања – ново СЈО, предвремени избори со пржинска влада, Заев да се откаже од Договорот со Грција, јавен обвинител на предлог на опозицијата.
Оттаму, брифираат нашите извори, предвремените избори стануваат сѐ поизвесна опција за одврзување на референдумскиот јазол, зашто неделава, додека собранискиот спикер Талат Џафери од понеделник не ја закаже собраниската седница на која на дневен ред ќе биде владиниот предлог за уставни измени, не се очекува драстична промена на собраниската поддршка, иако во консултациите се споменуваат понуди што се сметаат дека пратениците би ги одбиле со тешко срце.
Оптимизмот дека е постигнат договор со пратениците по информацијата дека Владата попладнево ќе одржи вонредна седница на која предлогот за уставни измени ќе биде единствена точка на дневен ред, велат нашите извори, не треба да се толкува како сигнал дека е договорено двотретинско мнозинство, туку како законска процедура која мора да се истурка во институциите. Така што паралелно со ова, ќе продолжат разговорите со пратениците, а по завршување на собраниската седница на која ќе биде ставен предлогот за уставни измени, ако тие не бидат прифатени, ќе следува распуштање на Собранието и распишување предвремени избори.
Петар Богојески, разрешениот заменик генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ за Плусинфо вели дека и двете решенија се легитимни.
Првото, односно предвремените избори, вели Богојески, е „повторен референдум“ – одлуката пак се враќа кај граѓаните. Второто, е пак одлука на граѓаните преку т.н. пренесен суверенитет.
– Што и да се случува во овој момент, повеќе од јасно е дека Македонија поради погрешните политики кон „Преспанскиот договор“ влегува во политичка криза. Оттука и заклучокот дека може сѐ да се реши во Собранието, а пак да има потреба од предвремени парламентарни избори – оценува Богојески.
Тој апелира политичарите да не ја испуштат шансата која може да обезбеди иднина на земјата, но реагира на речникот кој се користи во јавноста во врска со преговорите, односно пазарот со пратениците.
– Терминологијата која во овој момент се користи во насока на објаснување на процесот пред Собранието, звучи како да се случува „шопинг на пратеници“. Тоа е апсолутно неприфатливо. Тоа се луѓе со свои емоции и свои ставови, а крајно некоректно е кон нив да се насочи целиот гнев. Крајно, тие имаат право самостојно да носат одлуки, зашто се носители на граѓанскиот суверенитет. Во услови кога народот не донесе одлука, јасно и недвосмислено или донесе одлука која не е облигаторна во пракса, нормално е процесот да продолжи во институциите. Најдобро решение е компромис помеѓу политичките субјекти – порачува Богојески.
Реформаторот Богојески, предупредува и дека е можно да дојде до уривање на целиот процес:
– Овој процес, има најави, да се оптовари со дополнителни прашања, што е апсолутно непотребно и со опасност целосно да го сруши. Што и да се случи овие денови, апелот е: Не ја пропуштајте шансата за иднината на нашите деца.